Трн: После дваесет и три години повторно во студио и голем концерт, каде сте сега и што ве очекува?
Ристо Вртев: Да, после подолга пауза влегов во студио конечно, од причина што не работев затоа што немаше услови да се постигне квалитетен резултат. Сега ова беше ад хок, на брзинка и наменски за концертот, да влезам во студио и се чувствував како доктор кога одите на дијагноза, а дијагнозата е таа дали воопшто имам сенс за нови материјали и помина успешно. Тоа се должи посебно на реакциите кои ги добивме од разни профили на луѓе. Тоа е добар вовед во концертот на тринаесетти јуни на стадионот на АРМ, каде ќе имаме и гостување. Имаме гости, и тоа многу квалитетни, тоа е „Васил Хаџиманов бенд”, со кого се договоривме да настапиме и со една земјачка песна што му ја пратив. Тој ќе влезе во сето тоа и ќе направиме една убава дружба, убава атмосфера и ќе пратиме порака дека културата не е мртва. Сепак некој се грижи нивото да се сочува наспроти баналноста во културна смисла и падот на критериумите и кичот, кои се многу опасни работи.
Трн: Македонија во раните деведесетти и Македонија денес. Која е разликата во атмосферата?
Ристо Вртев: Па, деведесеттите ги доживеавме како распад на една земја и еден систем. Практично дупла работа ни се отвори. Во тој процес имаше слободен простор за лична иницијатива. Таа беше оној квалитет на деведесеттите. Јас го видов тоа, бидејќи она што беше музички естраден систем, се распадна. Имаше слободен простор. Меѓутоа, со време дојде и контрола каква не сме имале, таа е незабележлива, меѓутоа е сеприсутна и буквално е во сите форми на општеството и прилично сè непожелно се блокира и се фрла на маргина. Естрадата ја преземаа политичарите. Тоа сега имаме наместо политика, естрада, каде гледаме еден циркус невиден и невкусен, кој е погубен за држава со слаба економија и кревка во секој поглед. И не знам колку ќе трае тоа и како ќе заврши сево ова, ама треба да сме доследни. Песната ми говори за тоа чувство кое го гледам кај повеќето со кои сум во контакт. Тоа чувство генерално преовладува во населението и сметам дека е точно, ако ништо друго.
Трн: Какви се тие оловни дни денеска?
Ристо Вртев: Она што мислам дека генерално преовладува е прашањето дали ќе опстанеме како независна држава. Тоа е големо прашање. Или ќе постапиме според вториот дел од референдумското прашање. Тоа е сега некоја извесност која се појавува, како ќе биде тоа? А генерално кај населението мислам дека преовладува една лоша атмосфера заради чувството на неправда. Чувството на правда е повредено и луѓето така се чувствуваат и тоа зрачи во околината.
Оние кои се снашле сево ова време, навистина добро се, но повеќето се надвор од тоа и тоа создава атмосфера на онеправданост, на промашен живот, на залуден живот. Некако секоја иницијатива која не е во агендата на моќните се обесхрабрува, а политичките партии функционираат како претпријатија кои вработуваат, отпуштаат, казнуваат.
Практично се вративме таму каде оној диктаторски комунизам изгледа како поле на слободата и демократијата во однос на она кое го живееме денес и тоа е големиот апсурд на наводно неуспешната демократија. Јас мислам дека демократијата е многу едноставно: да имате поделба на моќта и институциите професионално да си ја вршат работата според законитост изгласана во парламентот. Толку е демократија. Интелектуалците молчат, не едуцираат во јавен простор, туку одработуваат и станува циркус. Немате практично за што да се фатите, сем гласот на поединецот. Јас сум во таа позиција моментално. Да се преброиме, ќе видиме на 13 јуни, да поставиме дијагноза.
Трн: Имам чувство дека твојата музика отсекогаш звучеше како да доаѓа по крајот на нешто. Дали денес светот конечно ја стигна таа естетика?
Ристо Вртев: Клучно беше кога се распадна Сојузот, за Македонија повеќе се загрижив што ќе биде. А после атентатот на Киро Глигоров, нашиот прв претседател, реков: ова не оди на добро. Оттаму дојде „Македонисте” и тоа практично значи дека ги читав знаците во времето. Не верувам дека предвидувањето како капацитет постои кај човекот. Меѓутоа, тоа може да ти излезе. А кај мене беше баш размислено, викам: ова не е добро.
Тогаш се соочив со мнозинство кое тврдеше дека јас сè црно гледам, дека иднината ќе биде брилијантна и прекрасна. А јас мислев дека до 2000-тата ќе имаме реприза на дваесеттиот век, сетете се на него. Само три децении беше светот во нормала, за да ги санира последиците од последната војна. Сега влегуваме во период кога се надмудруваат големи стратегиски играчи и гледаме свет кој потсетува на светот пред двете светски војни. Ќе видиме како ќе заврши приказната, со Божја помош се надевам во добро.
Трн: Каква е судбината на поетот денес во Македонија?
Ристо Вртев: Јас немам третман на поет, имам третман на текстописец. Толку е кај мене. Таа елита не ме прима во друштвото, а перцепцијата на јавноста е дека поетска вредност имаат моите лирики. Се потпирам на руското наследство, зашто таа литература најмногу влијаела врз мене. Се занимавам со форма на изразување од западната сфера, а ние бевме помеѓу Исток и Запад.
Го одбрав тој музички израз затоа што е неквалификувана лаичка музика, меѓутоа е фолклор, не пасторален како во деветнаесеттиот век, туку урбан фолклор. И градот едноставно има поинаков звук. Со нови инструменти кои работат на струја, Никола Тесла, и сè така се заокружува во едно кое мене ми изгледаше како демократски арт. Имате чиста работа: ќе направите нешто, ќе ви се прифати или нема да се прифати. Американскиот модел вели: „Кажи се на сцена, има луѓе кои би платиле карта за да те гледаат, а понатаму дали си добар или не, мене не ме занима.” Тоа е почесно отколку да се ослонуваме на некој авторитет каде суетите играат улога да квалификуваат: оваа работа чини, оваа не чини.
Трн: Во културна смисла, дали Македонците имаат капацитет да проектираат иднина?
Ристо Вртев: Како да не. Капацитетни сме ние во тој дел. Имаме традиција музичка и сето тоа. Кога сме можеле тоа да го направиме, зошто денес би биле неспособни? Проблемот е во друго, прво во економскиот фактор за официјалната култура која мора да се уважи како референца. Тоа е референтна точка, но не се овозможува она кое се нарекува алтернатива да работи. Да имаме, наместо Едисон „Една е вистината”, Никола Тесла, наизменична струја, тогаш нештата ќе се надополнуваат. Ако заглави официјалната, оваа ќе работи и ќе влијае да се премислат некои работи.
Проблемот на слабите економии е што голема култура создаваат богатите држави. А малите држави, сем спортот и културата, со што имаат да се докажат? Кога се осамостоивме, требаше многу да се вложиме во тој дел за да бидеме повидливи меѓународно. Ама очигледно тој европски пат не ги интересираше нашите елити. Пропуштивме златно време кога имавме поддршка и пријатели во Европа. Основната причина, кога ги шетаа шестте претседатели, господинот Милошевиќ и господинот Туѓман не сакаа да слушнат за влегување во Европската Унија.
А тогаш бевме пред сите држави од Источниот блок, ќе влезевме сите и сите овие прашања, кои сега одат како погрешни наративи, ќе исчезнеа и ние ќе припадневме на цивилизацијата. Сега среќата се гледа во Кина, па добро, оној кинески работник не е многу среќен. Не сме навикнати на толку работа ние. Мора да се кажат работите.
Трн: Што мислиш дека луѓето погрешно разбраа за тебе сите овие години?
Ристо Вртев: Нашите органи имаат една интересна логика, ако не си со нив, тогаш си против нив. Првата налепница која ја добив беше дека сум наркоман. Пишуваш такви текстови, рокенрол, се знае, наркоман, или како и да звучи тоа. Тие знаат дека немам врска со тоа. Можеби знам да се напијам вино, пиво, но не сум имал проблеми. Потоа разноразни други етикети, секогаш има таг за да не бидете влијателен, затоа што овој вид творештво нема статус кај нас.
Јас не се етаблирав формално. Напредував, се создаде некој респект кон она кое го работам и тоа е неформално. Формално гледано, јас не сум на ниедна мапа. Кога барам спонзори, не ме разбираат. Тоа оди на друго место. Јас сум принуден на повик, кога им требам ме повикуваат, и така, заради поддршката од публиката. Имам директна комуникација со оние кои ќе одвојат за билети, ќе дојдат на мој концерт од почит, од тоа кое им се допаѓа, кое им значи. А што се однесува до естаблишментот, не се секирам. Ниту тие се секираат со мене, ниту јас со нив, и тоа е некоја платонска врска: никој никого не е…