Скопските кина „Милениум” и „Фросина”, кои се во надлежност на Младинскиот културен центар (МКЦ), бс суспендирани од престижната европска филмска мрежа Europa Cinemas — и тоа поради едноставна причина: не работат, објави порталот СДК.МК.
Поддршката од мрежата во минатите години изнесувала меѓу 6.000 и 10.000 евра на годишно ниво, кои се исплаќаа како субвенции по секој продаден билет.
Киното Милениум е затворено од април 2024 година, a кино Фросина нема континуирана филмска програма поради натрупан долг кон дистрибутерите на филмови.
Еуропа Синемас е најголемата европска мрежа на кина што се фокусира на прикажување европски филмови, основана 1992 година. Мрежата денес опфаќа повеќе од 1.200 кина и над 3.000 екрани во десетици европски земји. Главната цел е да ги поддржи кината кои прикажуваат европски филмови што не се од нивната матична држава, како и да развиваат програми за млада публика. Еуропа Синемас обезбедува финансиска и организациска поддршка за кината и организира конференции, обуки, работилници и програми за размена на искуства помеѓу кинопрофесионалци. Посебен фокус има на иновации, развој на публика и културна разновидност.
Ваквата суспензија на кината значи губење на поддршката, но и симболичен срам — главниот град на земјата-кандидат за ЕУ нема функционална репрезентативна кино сала.
Состојбата доаѓа во момент кога Скопје се подготвува за титулата Европска престолнина на културата во 2028 година, а реконструкцијата на „Милениум” е наведена меѓу приоритетите. Засега, скопјани можат да гледаат филмови само во Синеплекс, Киноверзум и Кинотеката на Македонија.