Мини олимписки игри за мини шампиони

Ученици од четири основни училишта преку спортски активности промовираа здрави навики, тимска работа и позитивни вредности.

Вчера во спортскиот центар „Јане Сандански“ се одржа завршниот настан на Мини Олимписките игри, на кој учествуваа 480 ученици и 40 наставници од четири основни училишта.

Настанот претставуваше завршница на спортските активности во кои учениците од основните училишта „Дитурија“, „Рајко Жинзифов“, „Ацо Шопов“ и „Браќа Рамиз и Хамид“ преку игра, натпреварување изаедничко учество ги промовираа здравите навики, фер-плејот и тимската работа.

Мини Олимписките игри имаат цел да ги поттикнат децата уште од најрана возраст да развиваат љубов кон спортот, физичката активност и заедништвото. Преку вакви активности, учениците учат дека спортот не е само натпревар, туку и простор за соработка, дисциплина, почитување и градење позитивни вредности.

Во програмата беа вклучени ученици и наставници кои во изминатиот период работеа заедно на подготовка и реализација на спортските активности. Завршниот настан во „Јане Сандански“ беше кулминација на нивниот заеднички труд и можност младите учесници да покажат што значи спортски дух во училишна средина.

Со вакви иницијативи, училиштата и наставниците ја нагласуваат важноста на физичкото образование, активниот начин на живот и создавањето здрави навики кај младите, особено во период кога децата сè повеќе време поминуваат пред екрани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс