Светската фудбалска куќа ФИФА именуваше дисциплински и етички обвинител да ја процени тепачката што избувна веднаш по последниот судиски свиреж на финалето меѓу Аргентина и Шпанија на стадионот МетЛајф во Њујорк/Њу Џерси. Секој играч или тренер вмешан во инцидентот може да добие суспензија, а на Фудбалскиот сојуз на Аргентина (АФА) му се заканува и парична казна.
Шпанија го освои насловот светски првак откако победи во продолженија со гол на Феран Торес. Сепак, веднаш по крајот на натпреварот, на теренот избувна тепачка меѓу играчи од двата тима. ФИФА сега формално истражува што точно се случило.
Во инцидентите биле вмешани аргентинските репрезентативци Науел Молина, Леандро Паредес и Тијаго Алмада, како и помошникот тренер Роберто Ајала. Дисциплинската комисија на ФИФА ќе одлучува дали некој од нив ќе добие суспензија.
ФИФА првично соопшти дека судијата Славко Винчиќ го исклучил Паредес откако го фатил за врат шпанскиот играч Ерик Гарсија и го оттурнал. Тој црвен картон подоцна бил избришан од официјалниот записник на утакмицата.