Аргентина ја совлада Англија со 2:1 во полуфиналето на Светското првенство и обезбеди второ последователно финале, но славјето на актуелниот шампион брзо доби политичка димензија.
За време на прославата, аргентинските репрезентативци Џовани Ло Селсо и Николас Отаменди држеа транспарент со пораката „Las Malvinas son Argentinas“ – „Малвините се аргентински“.
Поради транспарентот, Аргентина би можела да се соочи со дисциплинска постапка и парична казна од ФИФА.
ФИФА забранува политички пораки
Според Кодексот на однесување на стадионите на ФИФА, забранети се транспаренти, знамиња, облека и други предмети со политичка, навредлива или дискриминаторска содржина.
Аргентинската репрезентација веќе била казнета поради идентична порака. Во 2014 година, аргентинската фудбалска федерација платила 30.000 швајцарски франци, откако фудбалерите позирале пред транспарент со тврдењето дека Малвинските Острови ѝ припаѓаат на Аргентина.
Засега ФИФА официјално не соопшти дали ќе отвори постапка по најновиот случај.
Победа со силен историски товар
Аргентина губеше со 1:0, но со головите на Енцо Фернандез и Лаутаро Мартинез направи пресврт и ја елиминира Англија. Победата предизвика големи прослави во Атланта и Буенос Аирес, но појавувањето на транспарентот повторно го отвори едно од најчувствителните прашања во односите меѓу двете земји.
Аргентинската потпретседателка Викторија Вилјаруел го поддржа потегот на фудбалерите, наведувајќи дека иако внесувањето на вакви пораки било забрането на стадионот, Аргентинците ги носеле Малвините „во крвта и во срцето“.
Зошто Малвините се спорни?
Островите, кои во Велика Британија се познати како Фолкландски, а во Аргентина како Малвински Острови, се наоѓаат во јужниот дел на Атлантскиот Океан.
Аргентина тврди дека Велика Британија незаконски ја презела контролата врз островите во 1833 година. Лондон го отфрла аргентинското барање и нагласува дека жителите на островите во референдум од 2013 година убедливо гласале да останат британска прекуморска територија.
Спорот во 1982 година прерасна во војна меѓу Аргентина и Велика Британија. Во конфликтот загинаа 655 аргентински и 255 британски војници.
Обединетите нации не заземаат страна околу суверенитетот, но со години ги повикуваат двете држави да ги продолжат преговорите и спорот да го решат по мирен пат.
Аргентина во финалето ќе игра против Шпанија, но пред најголемиот натпревар на турнирот, вниманието сега е насочено и кон одлуката на ФИФА.