Вештачката интелигенција брзо ја менува софтверската индустрија и начинот на кој се развива софтверот, пишува порталот „Буг“ и носи детална анализа на тој процес и неговите последици за програмерите и ИТ секторот.
Авторот на текстот, Томислав Типуриќ, кој моментално професионално работи на развој и имплементација на современи ИТ решенија во САД, опишува како алатките за вештачка интелигенција, особено големите јазични модели, сè повеќе преземаат задачи кои претходно биле резервирани за јуниор програмери.
Како што се наведува, вештачката интелигенција денес веќе може да генерира код, документација и тестови во многу кратко време, што доведува до промени во традиционалниот модел на учење и напредување во ИТ индустријата. Посебно е погодено почетното ниво на вработување, бидејќи се намалува потребата од таканаречени „entry-level“ задачи кои претходно служеле како почетна точка за развој на кариера.
Во анализата се истакнува дека ВИ не прави разлика меѓу професии и индустрии, туку врз основа на огромни количини податоци генерира решенија кои сè повеќе се приближуваат до професионалниот стандард. Тоа, според авторот, води кон процес на „структурно престројување“ на индустријата.
Сепак, се нагласува дека развојот на вештачката интелигенција не значи крај на програмирањето, туку трансформација на улогата на девелоперите, кои сè повеќе преминуваат од класично пишување код кон управување и насочување на ВИ системи преку промптови и архитектура на решенија.
Темата на Буг така го отвора прашањето како ќе изгледа иднината на софтверското инженерство во ера во која вештачката интелигенција станува стандарден алат за секој програмер