Во импресивната атмосфера на Античкиот театар во Охрид, на 13 јуни се одржа архитектонскиот настан „Антички театар: Адаптивен континуитет“, во организација на Архрид колектив.
Настанот отвори важна дискусија за тоа како заштитеното културно наследство може да се адаптира и интегрира во современиот начин на живот, без да ја изгуби својата историска и културна вредност.
Целта на Архрид колектив беше да ја нагласи важноста на аналитичкиот процес пред реализацијата на капитални проекти, особено кога станува збор за локалитети со исклучително значење, како што е Античкиот театар во Охрид.
Покрај стручните предавања и изложбената поставка, посетителите имаа можност да ја набават и публикацијата „Антички театар: Адаптивен континуитет“, која содржи сублимирани материјали од целиот процес што му претходеше на настанот.
Настанот го отвори Симона Чингоска, која се обрати во името на Архрид колектив. Таа ја претстави темата и програмата, нагласувајќи ја адаптивната трансформација како клучна за долговековниот опстанок на еден објект.
Преку примерот на Античкиот театар во Охрид, беше потенцирано дека културното наследство не смее да се третира како замрзнат споменик од минатото, туку како простор што може внимателно да се развива, користи и разбира во контекст на сегашноста.
Во обраќањето беше истакната и важноста на интернационалниот архитектонски конкурс „УНЕСКО Антички театар“, како процес што овозможува тестирање на различни решенија, пристапи и идеи.
Јавната изложба на конкурсните проекти имаше за цел да ги покаже позитивните аспекти на анкетните конкурси, но и да ја поттикне стручната јавност на аналитичко и критичко согледување на предложените решенија.
Програмата беше поделена во три поврзани целини. Во првиот дел, проф. д-р Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје го претстави историскиот контекст и развојот на локацијата низ различни временски епохи.
Преку нејзината презентација, публиката имаше можност да ги проследи трансформациите низ кои поминале театарот и просторот во неговата непосредна околина, сè до моментот кога локалитетот повторно бил презентиран пред јавноста и ставен во употреба.
Во вториот дел, фокусот беше ставен на регионален пример. Хрватскиот архитект Емил Јурцан ги сподели искуствата и предизвиците од проектот за реконструкција на Римскиот театар во Пула.
Тој го претстави историскиот контекст на театарот, а потоа го објасни процесот на реализација на проектот, со посебен акцент на важните проектантски одлуки што произлегуваат од специфичноста на археолошкиот локалитет.
Програмата беше затворена со презентацијата на Ларс Вестхоф од Германија, автор на второнаграденото решение од интернационалниот конкурс „УНЕСКО Антички театар“.
Вестхоф посочи дека темата од конкурсот ја работел како магистерски проект на Архитектонскиот факултет во Минстер, Германија. Како клучен момент ја истакна својата посета на локацијата пред започнувањето на проектот, по што го презентираше решението насловено „Lychnidos ex Machina“.
Тој изрази задоволство што по втор пат е на самиот Антички театар во Охрид и што има можност во живо, пред публиката, да ги сподели своите размислувања за развојот на локалитетот.
На крајот од настанот, посетителите ја разгледаа изложбената поставка, која опфаќаше графичка презентација на хронологијата на откривањето на театарот, како и селектирани решенија од меѓународниот конкурс „УНЕСКО Антички театар“.
Преку неформален разговор и дружење меѓу присутните, се отвори дополнителна дискусија за темите што ги покрена настанот: заштитата, адаптацијата, одговорноста и иднината на културното наследство.
Целокупната содржина и реализацијата на настанот се резултат на волонтерските заложби на тим од девет архитекти, членови на Архрид: Симона Чингоска, Ева Зовиќ, Анастасија Ристеска, Теа Дамјановска, Филип Спасески, Климент Танески, Стефан Назифовски, Иво Лазароски и Стефан Жупан.
Од Архрид изразија благодарност до сите што го посетија настанот, ги проследија стручните излагања и ја погледнаа изложбата.
Оние што не успеаја да го посетат настанот „Антички театар: Адаптивен континуитет“ и да ја набават истоимената публикација, тоа може да го направат преку контакт на Instagram профилот: @arhrid_collective.