Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) ја објави анализата „Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа“, во која се оценува дека законските измени не носат значајни подобрувања во системот за безбедност.
Во документот се наведува дека, иако се воведуваат дигитални решенија за административните постапки, остануваат нерешени повеќе суштински проблеми што влијаат врз контролата и безбедноста на угостителските објекти.
Анализата укажува на неколку клучни слабости, меѓу кои се игнорирањето на препораките од антикорупциската проверка на Државната комисија за спречување на корупцијата, задржувањето на системот на самоевалуација за исполнетоста на техничките услови без соодветна контрола, надзорниот јаз при проверката на реалната намена на објектите, несоодветниот систем на санкции, како и ограничениот ефект од дигитализацијата врз безбедноста.
Во анализата се посочува дека новиот регистар на лиценци придонесува за поголема транспарентност, но не обезбедува доволно информации за вистинска отчетност и ефикасен надзор.
ИДСЦС предлага конкретни законски измени насочени кон воспоставување поефикасен инспекциски надзор, поголема институционална одговорност и повисоко ниво на безбедност во угостителскиот сектор.
Анализата е достапна на македонски, албански и англиски јазик.