Ликовната изложба „Ехо“ на македонската авторка Ана Ивановска ќе биде отворена во петок, 19 јуни 2026 година, во 19 часот, во галеријата Прима Центар во Берлин, Германија.
„Ехо“ е визуелно истражување на трагите што глобалните настани ги оставаат врз поединецот и општеството. Пандемијата, војните и кризите создадоа чувство на неизвесност, страв и отуѓеност, но и потреба за преиспитување, внатрешна промена и ново разбирање на човековата состојба.
Преку фотографија, фотомонтажа и инсталација, делата ги одразуваат емоционалните и психолошките состојби на современиот човек. Изложбата отвора простор за размислување за личната и колективната трансформација во време обележано со кризи, прекини и несигурност.
Повторувачките мотиви на маски, ракавици и човечки фрагменти во делата стануваат симболи на ограничувањата, ранливоста и прекинатата комуникација. Во поинтимните дела, Ивановска ги отвора прашањата за телото, идентитетот, мајчинството и личното искуство.
Во контраст на тие состојби, органските и космички форми во дел од работите упатуваат кон исцелување, внатрешен мир и повторно поврзување со природата.
Како ехо на современото време, проектот се движи меѓу стравот и надежта, потсетувајќи дека и во периоди на неизвесност постои можност за трансформација, блискост и пронаоѓање нова смисла.
Ана Ивановска е родена во Скопје во 1982 година. Дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година, каде што ги завршила и постдипломските студии во 2011 година. Од 2006 година е членка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и е коосновачка на уметничките групи Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и МОМИ.
Досега реализирала 24 самостојни и околу 200 групни изложби во Македонија и во странство. Добитничка е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник во 2008 година, наградите на ДЛУМ за вајарство во 2017 година и за нови медиуми во 2020 година, како и наградата „10 Best World Artists“ на BIEAF во Бусан, Јужна Кореја, во 2025 година.
Ивановска остварила уметнички престои во Белград, Истанбул, Њујорк, Париз, Виена, Берлин, Тирана, Корча и Скопје. Во својата уметничка практика комбинира различни медиуми, меѓу кои инсталација, објект, скулптура, сликарство, видео и цртеж.
Во нејзината работа се преплетуваат односите меѓу природата, поединецот и општеството, преку дела што поттикнуваат размислување за егзистенцијата, трансформацијата и човековата поврзаност со светот.