Помалку од половина Американци денес веруваат дека секој во САД има реална шанса да го оствари „американскиот сон“, покажува нова анкета спроведена од Gallup и Milken Center. Според истражувањето на повеќе од 6.300 испитаници, само 46% од Американците се согласуваат дека сите имаат еднакви можности за успех, што претставува пад од пет процентни поени во споредба со 2024 година.
Иако 69% од испитаниците сè уште велат дека веруваат дека лично можат да го постигнат „сонот“, и таа бројка е во опаѓање. Експертите истакнуваат дека терминот „американски сон“, кој потекнува од 1930-тите години, денес се толкува различно за некои значи сопствен дом и стабилна работа, а за други слобода и индивидуални права.
Истражувањата покажуваат дека долгорочните економски трендови ја намалуваат социјалната мобилност. Според податоци на економистот Raj Chetty од Харвард, шансата децата да го надминат животниот стандард на своите родители паднала од околу 90% за генерациите родени во 1940-тите на околу 50% за генерациите родени во 1980-тите.
Овој пад ја зајакнува перцепцијата дека системот станува сè понееднаков. Дури 58% од Американците сметаат дека „американскиот сон“ е недовршен, додека младите генерации се најскептични. Генерацијата Z особено изразува сомнеж, значителен дел од младите веруваат дека можностите се ограничени само за мал број луѓе.
И покрај растечкото разочарување, истражувачите заклучуваат дека идејата за „американски сон“ останува силна и присутна, и дека Американците и понатаму веруваат дека вреди да се стремат кон него, дури и кога системот го доживуваат како нерамноправен.