Search

Аманетот од минатото: Пионерскиот дом „Карпош” – приказна што трае и живее

Пионерскиот дом Карпош е изграден во 1908 година од турската фамилија Драга, трговци со дрво од Бејрут, Египет, Истанбул, цел Балкан и пола Европа. Семејството Драга претходно имале имот на местото Кермес и Езерце во јазот на „Орце Николов“.

Ферат Беј,сопственикот на куќата бил син на Шабан паша, лидер на партијата Џемиет.

Куќата имала одделна машка и женска бања, на долниот спрат биле канцелариите од трговската фирма, а горе живеела фамилијата Драга. Веднаш после Првата светска војна тие се иселуваат во Турција, а кралствотот СХС ја национализира, па ја дава на користење на висок српски чиновник, а од 1930 – 1940 е официјален француски конзулат. Интересно е да се спомене дека оградата од ковано железо во 20 годинин на минатиот век ја правеле мајстори од Грац и таа до ден денешен е автентична. За време на војната, во 1941 година прво станува  германска команда, а потоа бугарска полициска управа.

Во 1945 тука се формира првата државна веледрогерија Реплек.

На 6 јуни 1948 министерот за просвета на НРМ Димче Мире свечено го отвора Пионерскиот дом „Карпош“ како центар за дружење и учење на младината и објектот станува Централен пионерски дом на пионерите на Македонија и прв во тогашна Југославија.

Фамилијата инвестирала во проект за трамвајска линија, но за жал тој не се реализирал.

Се градеше во 1907, а беше вселена 1908-та. Моите родители пролетта 1908 година го дочекаа Уриетот (Младотурската револуција) во оваа куќа. Долу во подрумот беше амамот, каде што доаѓаа деловните пријатели и комшии на татко ми. Имаше машка и женска бања. На првиот кат беа канцелариите, а ние живеевме најгоре. Татко ми беше неимар, тргуваше со дрва, ретко го гледав, зашто често пати беше на пат во Рожај, Косовска Митровица, Каиро, Истанбул, Солун и Бејрут. Во тоа време дрвјата од Косовска Митровица ги носеа со коњи до Скопје, па оттука како готови и обработени се товареа на сплавови за Солун, Каиро и Истанбул. За да се олесни транспортот на најубавите дрвја, мојата фамилија стана иницијатор и донатор на изградбата на продолжението на железницата до Косовска Митровица.

Раскажува последниот жив наследник на семејството Драга, Али Драга, кој со своите деведесет години, последен пат во 1996 година го посети Детскиот културен центар „Карпош”.

Оваа мала скопска „палата“ во задоцнет стил од времето на колонијализмот, некогаш на периферијата на Скопје, а денес на една од најглавните улици, 70 години е место за дружење, слободно мислење и уметничко изразување.

Детскиот културен центар „Карпош“, до 90-тите години на минатиот век познат како Пионерски дом „Карпош“, годинава прослави 75 години постоење.

Зградата е заштитена како културно наследство и затоа однадвор не смее да се интервенира, но внатрешниот дел беше целосно реновиран и адаптиран во 2009 година со помош на тогашното раководство на Град Скопје.

Али Драга не живеел многу во куќата во Скопје, зашто набргу по вселувањето заминал на школување во Виена, Австрија, каде дипломирал право. Во Нови Пазар ја сретнал својата многу помлада сопруга и на стари години се враќа во Истанбул, Турција. Последните зборови на Али Драга пред 24 години во Скопје биле:

Јас немам ни рода ни порода, затоа ја оставам оваа зграда како мој аманет во ваши раце за да биде културен дом на сите деца на Скопје.

Семејството Драга се иселува од куќата во 1919 година, при крајот на Првата Светска војна, кога Кралството на СХС ја национализира и во првите години по првата световна војна му ја дава на користење на некој српски чиновник, како заслужен за ослободувањето на тогашна Вардарска Бановина. Но, тој ја прокоцкал куќата за некоја куртизана во Хотелот Бристол, па во 30те години од минатиот век, па се до 1940 година, тука се вселува француски конзул и куќата станува официјален француски конзулат.

Во 1962 година, по полавата во Скопје, подрумот беше комплетно под вода и така беа уништени сите документи од архивата на домот. Таа година Домот го посетија голем број амбасадори, но и тогашниот секретар на Обединетите Нации, Утант. Матните води на надојдениот Вардар, во ноември 1962 година, најжестоко го погодија делот на Скопје, токму помеѓу улиците „Илинденска” и „Орце Николов”, каде што во тоа време се наоѓаше, а и ден денеска стои обновената зграда на Домот. Архивата и документацијата што се наоѓаа во подрумот на Домот, неповратно беа уништени, а во голема мера беа уништени и опремата и уредите на техничко – моделаторската работилница како и некои други лаборатории. Она што поплавата го почна, земјотресот го докрајчи, зашто ја разниша целата зграда на Домот и ја направи неупотреблива за било каква активност. Пионерите на Југославија во тоа поземјотресно време ја покажаа својата висока свест за солидарност и покренаа акција за собирање средства за изградба на пионерски спомен – дом во Скопје „Братство и единство”. Собраните средства не беа доволни за да се изгради нов Дом, меѓутоа ги покрија трошоците за реновирање и санација на зградата во која и денес работи Пионерскиот Дом „Карпош”. Во меѓувреме вработените во домот работеа во една напуштена и руинирана барака на улицата „530”, недалеку од училиштето „29 Ноември”. Тоа е времето на првите денови од 1965 година и новиот почеток на Пионерскиот дом „Карпош”, за што се заслужни група ентузијасти, вљубеници во детската среќа. Плодната активност на Домот кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век беше овозможена и поткрепена со значајно збогатување на материјално – техничка база. Имено, тогаш се набавени поголем број технички помагала, музички инструменти, нагледни средства и една библиотека со фонд од пет илјади книги.

Обновен и реновиран Домот свечено беше пуштен во употреба на 1 јуни 1970 година. Во оваа мала зградичка во центарот на Скопје, поставени се темелите на многу денешни институции.

Од балетската секција е формиран ансамблот на Балетот на Македонската Опера и Балет, зашто своите почетоци тука ги имале Натка Пенушлиска,Олга Милосављева, диригентите Чавдарски и Лековски.

Од драмската секција, прво е формиран детскиот куклен театар, кој потоа прерасна во Театар за деца и младинци, а од него подоцна израсна Драмскиот Театар во Скопје. Од моделарската секција потоа се востанови Народна Техника.

Најново

Последни колумни