Годишниот извештај на СОС-линијата за деца и млади „Ало Бушавко“ покажува дека менталното здравје е најчестата причина за јавување, а експертите предупредуваат дека се потребни поголема будност, рана превенција и системска поддршка.
Децата и младите во Македонија не се целосно заштитени и потребна е поголема реакција од семејствата, училиштата и институциите, покажува годишниот извештај на СОС-линијата „Ало Бушавко“ за 2025 година, што го презентираше Првата детска амбасада „Меѓаши“. Според извештајот, најчестата причина за јавување била поврзана со менталното здравје, што експертите го оценуваат како сериозен сигнал за состојбата на децата и младите.
Во 2025 година на линијата биле регистрирани 284 дојави преку различни канали на комуникација. Од нив, 227 биле телефонски јавувања, 22 преку СМС-пораки, 15 преку имејл, а дел и преку „Вибер“. Најголем дел од дојавите, односно 83 случаи или околу 30 проценти, се однесувале на менталното здравје, страв, вознемиреност и сериозни лични кризи кај деца и млади.
Операторката на линијата, Мила Дамјановска, посочи дека овие податоци се аларм за целото општество и покажуваат потреба од навремена реакција, континуирана поддршка и поголемо внимание на психичката состојба на децата. Таа нагласи дека училиштата, родителите и луѓето кои се најчесто со децата треба да ги препознаваат промените во однесувањето, како повлекување, тага, страв, губење интерес за секојдневни активности или чувство на безнадежност.
Покрај менталното здравје, 64 дојави се однесувале на семејни односи, од кои 48 биле поврзани со односите меѓу деца и родители. Пријавени биле и 57 случаи за повреди, меѓу кои 22 за физичко насилство, девет за негрижа од родители и осум за булинг. Дополнително, 39 дојави се однесувале на пристап до образование, социо-економски потреби или други права што детето не можело да ги оствари.
Според извештајот, најчесто се јавувале деца на возраст од 10 до 12 години, потоа од 13 до 15 години и од седум до девет години. Кај момчињата на возраст од седум до 15 години почесто се јавувале родителите, додека девојчињата почесто се јавувале сами, особено на возраст од 13 до 25 години.
Експертката за психосоцијална поддршка на деца, Јорданка Черепналкова-Трајкоска, оцени дека менталното здравје мора да стане системски приоритет. Според неа, фактот што секое трето јавување било поврзано со внатрешна вознемиреност, страв, анксиозност или сериозна ранливост покажува дека децата не се соочуваат само со минлив стрес, туку со состојби што бараат внимателна и професионална поддршка.
Таа предупреди и дека дигиталното насилство има силен психолошки ефект, бидејќи не завршува со крајот на училишниот ден и често се случува пред публика. Според неа, онлајн-понижувањето може да доведе до анксиозност, повлекување и намалена самодоверба, па дигиталното насилство треба да се третира со иста сериозност како и физичкото.
Од „Меѓаши“ информираат дека тимот на „Бушавко“ презел повеќе активности по дојавите. Дадени биле 152 препораки, 22 дојави биле препратени кон други организации за правна поддршка, во 28 случаи имало директни интервенции со институции, а дел од дојавите биле упатени до надлежни органи, институции за заштита на деца, здравствени работници и училишни советници.
Активна е и европската СОС-линија 116 111, наменета за деца и млади, додека бројот 070 390 632 ќе продолжи да се користи за следење случаи што бараат континуирана поддршка. Во рамки на проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“ ќе се подготви прирачник и кампања за деца, млади и родители, со фокус на ризиците на интернет и превенција на насилство.