Среде мај, Балканот го очекува нагла временска промена која повеќе ќе потсетува на доцна есен отколку на пролет. Според метеорологот Славчо Попоски, следната седмица во Македонија и поширокиот регион ќе пристигне значително постудена воздушна маса од северозапад, која ќе донесе драстичен пад на температурите, засилен ветер и обилни врнежи.
Температурите на повеќе места би можеле да се намалат и за повеќе од 15 степени, а времето ќе биде значително постудено од просекот за овој период од годината. Освен дожд и силен ветер, локално се очекува и појава на невреме, додека на повисоките планински места на Балканот можно е да има и снег. Најобилни снежни врнежи, според прогнозите, се очекуваат во Алпскиот регион.
Метеоролошките карти за следните денови покажуваат нестабилна атмосфера над поголем дел од Европа, со изразени врнежи и продор на студен воздух кон Балканот. Попоски предупредува дека ваквите нагли временски промени може особено негативно да се одразат врз метеопатите и хронично болните лица, кај кои се можни засилени здравствени тегоби и чувствителност на временските осцилации.
По неколкуте топли и сончеви денови, следува период на посвежо, ветровито и нестабилно време, што ќе биде потсетник дека пролетта годинава останува непредвидлива до самиот крај.