Снег во Шпанија и Србија, а во Сибир 30 степени: Европа под силен студен бран

Силен студен бран ја погоди Европа со снег на Алпите, во Шпанија и Србија, додека во Сибир температурите достигнуваат и до 30 степени.

Европа веќе неколку дена се наоѓа под влијание на силно заладување кое донесе снег, ниски температури и обилни врнежи во повеќе земји, додека во делови од Русија владеат вистински летни температури.

Обилни снежни врнежи ги зафатија Алпите, каде на повисоките предели наврна и до половина метар снег. Снежната граница се спушти до околу 800 метри надморска височина, а снег повторно падна и на планините во Словенија. Температурите таму се спуштија до -6 степени, додека на највисоките делови на Алпите достигнаа и до -14 степени. Во пониските делови на Алпите температурите се движат меѓу 5 и 10 степени, проследени со обилни дождови.

Студениот бран пристигна и во Србија, каде силен циклон што се движеше преку Војводина кон Карпатите донесе обилни врнежи. На планините во јужниот дел од земјата повторно падна снег, а Копаоник повторно се обели. Максималните дневни температури во Србија денеска се движат околу 10 степени, а во Белград се измерени 11 степени, што е значително под просекот за овој период од годината.

Силен циклон од Атлантикот донесе обилни врнежи и во Шпанија. Студен воздух од север продре до северните делови на земјата, каде снежната граница се спушти на околу 1.200 метри надморска височина.

Температурите во северна Шпанија паднаа до 0 степени, што е и до 10 степени пониско од просекот за мај. Во јужните делови на земјата, пак, имаше силни грмежи, поројни дождови, а локално беше забележано и торнадо. За разлика од северот, југот на Шпанија останува под влијание на топло време со температури до 26 степени.

Додека поголемиот дел од Европа се соочува со есенско, па дури и зимско време, на истокот од континентот владеат вистински летни услови. Во делови од Русија температурите надминуваат 25 степени, а во северен Сибир достигнуваат и до 30 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс