Светскиот ден на науката за мир и развој се одбележува на 10 ноември под покровителство на УНЕСКО. Годинашната тема е „Заедничка основа преку научна дипломатија“ и го става во фокус прашањето како научната соработка може да ги одржи каналите за комуникација меѓу државите и во периоди на политички тензии. Климатските промени, губењето на биодиверзитетот и јавното здравје се меѓу проблемите за кои се неопходни заеднички решенија. Денот се одбележува во средината на Меѓународната недела на науката и мирот, која трае од 9 до 15 ноември.
Двата датума имаат различно потекло, но се водени од слична идеја. Неделата на науката и мирот првпат била одбележана во 1986 година, како невладина иницијатива во рамките на Меѓународната година на мирот. Генералното собрание на Обединетите нации во декември 1988 година, со резолуцијата 43/61, ја прогласило за годишен настан, во неделата во која се паѓа 11 ноември. Светскиот ден на науката за мир и развој УНЕСКО го прогласил во 2001 година, по Светската конференција за наука одржана во 1999 година, а првпат бил одбележан на 10 ноември 2002 година.

Годинашното одбележување се случува во период исполнет со дипломатски преговори. Во Анталија се одржува климатската конференција COP31, во Абу Даби за 10 и 11 ноември се најавени разговори за мир во Украина, додека преговорите меѓу САД и Иран засега не носат напредок. УНЕСКО во понеделникот во Париз одржа отворен симпозиум за преиспитување на улогата на научната дипломатија во свет што брзо се менува, како официјален придружен настан на Парискиот форум за мир. Меѓународниот научен совет, пак, ја завршува својата кампања „Апел за наука“ токму на Светскиот ден на науката.
Историјата нуди примери во кои научната соработка успеала да ги премости поделбите што ги создала политиката. ЦЕРН, Европската организација за нуклеарни истражувања во близина на Женева, е основана во 1954 година, девет години по завршувањето на Втората светска војна. Меѓу дванаесетте земји основачки била и Југославија. Договорот за Антарктикот од 1959 година, склучен во екот на Студената војна, го резервирал целиот континент за мирољубиви цели и научни истражувања. Во Јордан, пак, работи синхротронот СЕЗАМИ, меѓународен истражувачки центар во кој соработуваат Израел, Иран, Палестина, Турција, Египет, Кипар, Пакистан и Јордан.
Според УНЕСКО, Светскиот ден на науката има цел да ја вклучи и пошироката јавност во дебатите за научните прашања што влијаат врз секојдневниот живот, но и да ја нагласи одговорноста на научниците кон општеството. Климатските преговори во Анталија се еден од примерите за тоа колку науката е важна во креирањето меѓународни политики. Договорите што државите ги склучуваат за ограничување на климатските промени се потпираат врз научни проценки за затоплувањето на планетата и неговите последици, а не само врз политичките приоритети на владите.
