Македонија влегува во грејната сезона со загаден воздух

Речиси 200 земји ќе преговараат во Турција до 20 ноември, а првиот ден е посветен на климата и здравјето. Дома, експертите не се согласуваат дали воздухот што го дишеме навистина е подобар.

Климатската конференција COP31 почна во понеделник во Анталија и ќе трае до 20 ноември. Во Експо-центарот се собраа претставници на речиси 200 земји, но без Соединетите Американски Држави, вториот најголем емитер на стакленички гасови во светот. Турција е домаќин на конференцијата и ја води агендата за климатска акција, додека формалните преговори ги раководи Австралија. Светските лидери се очекува да пристигнат на самитот на 11 и 12 ноември.

Секој ден од конференцијата има посебна тематска насока. Првиот е посветен на храната, земјоделството и здравјето, а во вторник во фокусот се енергијата и транспортот. На 14 ноември ќе се разговара за младите и образованието, а на 18 ноември за родовата еднаквост и социјалниот развој. Постепеното напуштање на фосилните горива формално не е на агендата, бидејќи напорите за постигнување договор за конкретни цели засега не дадоа резултат.

Темата за здравјето од првиот ден има директна врска со Македонија, која влегува во грејната сезона. Според осмиот годишен Извештај за квалитетот на воздухот во светот, Македонија е на 34. место во светот и на второ место во Европа според загадувањето со ПМ-честички. Најзагадени градови во земјава биле Тетово и Струмица, каде што вредностите на ПМ2,5 биле пет до седум пати повисоки од дозволените граници. Метеоролозите најавуваат поладен и поврнежлив ноември, со чести продори на студен воздух од север.

Дома, дебатата се води околу прашањето дали воздухот навистина е подобар. Организацијата на потрошувачите на Македонија минатата недела објави анализа според која просечното годишно загадување во Скопје е намалено за околу 50 отсто во периодот од 2015 до 2025 година. Како една од мерките што придонеле за подобрувањето се посочува субвенционирањето на инвертер-клима уредите, со кои дел од домаќинствата ги замениле печките на дрва и котлите на цврсто гориво. Сепак, ОПМ предупредува на високи концентрации на загадувачки честички наутро и навечер, кога граѓаните ги палат печките, и бара обновување на јавниот превоз и воведување систем за брз автобуски превоз.

О2 Иницијатива ги толкува податоците поинаку. Според нивната анализа, кај ПМ2,5, најштетните честички за здравјето, нема промена во последните пет години, а малите разлики се должат на климатските услови. Од Иницијативата сметаат дека дозволените граници се поставени врз политичко-економска, наместо врз здравствена основа, и предупредуваат дека аерозагадувањето треба да се третира како здравствена криза, а не само како еколошки проблем.


Регионот веќе ја почувствува зимата. Сараево повторно се најде меѓу петте градови со најзагаден воздух во светот, со индекс 167, а концентрацијата на ПМ2,5 во неделата достигна 112 микрограми на кубен метар. На 12 ноември COP31 ќе им посвети посебен ден на градовите и изградената средина – тема што балканските градови секоја зима ја чувствуваат и ја мерат на своите мерни станици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс