Променливо облачно време со сончеви периоди и температури до 15 степени нè очекува денес. Иако утрата остануваат студени, во текот на денот ќе биде релативно топло за овој период од годината. УХМР најавува и услови за утринска магла во одделни котлини, како и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималните температури низ земјава ќе се движат од 2 до 9 степени, а максималните ќе достигнат од 11 до 15 степени. Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, со минимална температура од 7 и максимална до 14 степени. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Релативно топлото време ќе се задржи до сабота, но нема да помине без промени. Во текот на неделата се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а во одделни котлини и натаму ќе има услови за утринска магла. Во петок ветерот од јужен правец повремено ќе биде засилен, а во недела се најавува продор на постудена воздушна маса од север, по што ќе следува заладување и стабилизирање на времето.
