Вера Ацева и заборавените партизанки: Зошто за жените во НОБ се знае малку?

Протестот против фемицидите во понеделник се одржа во паркот „Жена борец“, посветен на партизанките. Нивните имиња ретко се спомнуваат, иако во антифашистичката борба учествувале илјадници жени, а една од нив стигнала до врвот на повоената држава.

Протестот против фемицидите во понеделник се одржа во скопскиот парк „Жена борец“, во кој се наоѓа споменик посветен на жените во Народноослободителната борба (НОБ), завршен на 8 март 1970 година. Нивните имиња ретко се спомнуваат во јавниот простор, иако бројките за нивното учество сведочат за значајна улога во антифашистичката борба. Според историската документација, во НОБ во Македонија учествувале 5.752 жени. Околу 300 загинале, 141 биле носителки на „Партизанска споменица 1941“, а меѓу првите стотина борци во антифашистичката борба имало единаесет жени.

На Првото заседание на АСНОМ, меѓу 122 делегати имало и шест жени. На територијата на цела Југославија во партизанските единици се бореле повеќе од 100.000 жени, од кои околу 25.000 загинале, а 91 била прогласена за народен херој. По војната, повеќе од 2.000 жени станале офицерки на Југословенската народна армија.

Една од шесте делегатки на АСНОМ била Вера Ацева. Родена е на 24 ноември 1919 година во прилепското село Ореовец, во семејство што во војната ги загубило двата сина, Мирче, подоцна прогласен за народен херој, и Димче, додека родителите биле интернирани во Бугарија. На 16 години морала да го прекине гимназиското образование и почнала да работи во Тутунскиот комбинат во Прилеп. Истата година, во 1935, станала членка на СКОЈ.

За време на војната, Ацева била меѓу организаторите на првите прилепски партизански одреди. Во 1942 година работела во Покраинскиот комитет на КПЈ во Скопје, а потоа била партиски инструктор во Струмица, Битола, Охрид и Велес. Подоцна станала заменик-политички комесар на Првата македонско-косовска бригада и секретарка на Третиот областен комитет на КПМ. Нејзините извештаи до Централниот комитет од 1944 година денес се дел од објавените историски извори за НОБ.

По ослободувањето, била членка на Президиумот на АСНОМ, министерка во македонската влада, републичка и сојузна пратеничка, како и прва жена градоначалничка на Скопје. Како министерка се залагала за отворање детски градинки. Орденот народен херој го добила на 27 ноември 1953 година. Нејзината политичка кариера, сепак, била прекината по судирот со Лазар Колишевски, на чија страна застанал Александар Ранковиќ. Ацева била отстранета од Скопје и принудена да работи во Белград. Починала во Скопје на денесшен ден 2006 година, на 87-годишна возраст.

Дел од одговорот на прашањето зошто за жените во НОБ се знае малку лежи и во природата на работата што ја вршеле голем дел од нив. Покрај жените што се бореле во партизанските единици, многу други собирале помош, подготвувале зимска облека за партизаните, носеле храна за политичките затвореници во Скопје и Идризово и разнесувале партиска пошта. Таквата работа ретко влегува во историските раскажувања за битките и воените офанзиви.

Покрај Ацева, Орденот народен херој го добиле и неколку други партизанки од Македонија, од кои три не ја дочекале слободата. Естреја Овадија-Мара, Еврејка од сиромашно битолско семејство, во битолското гето организирала средби на еврејски жени на кои се разговарало за женските права. Во март 1943 година успеала да избега за време на депортацијата на битолските Евреи. Загинала во август 1944 година на Кајмакчалан, на 21-годишна возраст, а посмртно била прогласена за народен херој.

Вера Јоциќ, родена во 1923 година, била ранета во борба кај Саса, каде што починала во мај 1944 година. Нејзиниот лик е овековечен и во песната „Очи“ на Ацо Шопов. Ибе Паликуќа од Дебар, родена во 1927 година, станала заменик-комесарка на чета во Четвртата албанска бригада. Загинала кај Шутово во септември 1944 година, како една од најмладите народни хероини во Југославија.

Жените што ја преживеале војната по 1945 година влегле во институциите на новата држава. Мара Нацева од Куманово уште на 15 години работела во текстилна фабрика, а во 1936 година предводела штрајк поради кој била отпуштена. За време на војната поминала низ бугарски логор за жени кај Асеновград. Починала во 2013 година како последна жива македонска носителка на Орденот народен херој.

Веселинка Малинска, која по пресудата на бугарскиот воен суд во 1942 година се криела во Танушевци пред да замине во партизани, по војната била истакната членка на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Од 1952 до 1961 година го раководела Радио Скопје. Фана Кочовска од битолското село Лавци заминала во партизани пред да наполни 15 години. Станала најмладата народна херојка на Југославија, а по ослободувањето извршувала високи општествени функции, сè до смртта во 2004 година.

Феминистичката нишка на оваа приказна е постара од самата слобода. Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија бил основан на 6 декември 1942 година во Босански Петровац, на Првата национална конференција на жените. Во Македонија, Главниот одбор на АФЖ бил избран на конститутивната седница на 15 декември 1944 година. Со Декларацијата за основните права на граѓанинот на Демократска Федерална Македонија, рамноправноста на жените била озаконета во новата држава, а Веселинка Малинска го уредувала првото списание за жени, „Македонка“. Приказната на Вера Ацева, сепак, покажува дека дури и жена што стигнала до највисоките политички позиции во повоената држава можела да биде отстранета по партиски судир.

Ацева не добила ни биста. Во 2010 година, Сојузот на борци од Прилеп побарал од Советот на Општината во Могилата на непобедените да бидат поставени четири нови бисти, меѓу кои и нејзината, но барањето досега не е исполнето. Боречката организација и Заводот и музеј во Прилеп повторно ја актуализирале иницијативата во 2025 година, овојпат за поставување спомен-бисти на петтемина прилепски народни херои што ја преживеале војната.


Во меѓувреме, од Скопје исчезна и биста на партизанка. На 26 декември 2025 година во полиција било пријавено дека од паркот, на околу 150 метри од зградата на Владата, е украдена бронзената биста на Вера Јоциќ, дело на нејзината сестра Вида Јоциќ. Друштвото на ликовни уметници на Македонија и АИКА Македонија ја оценија кражбата како уште една потврда за институционалната негрижа кон јавните уметнички дела и културното наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс