ЕУ подготвува забрана за 10 манипулативни трикови на интернет: Бесплатните проби нема да смеат автоматски да стануваат платени претплати

Европската комисија планира да забрани десет манипулативни начини на дизајнирање веб-страници и апликации, со кои компаниите ги наведуваат корисниците да трошат повеќе, да останат претплатени или да донесуваат одлуки што инаку не би ги донеле.

Според нацрт-верзијата на Законот за дигитална правичност (Digital Fairness Act), до која дошол „Еуроњуз“, на листата се лажните известувања дека производот наскоро ќе се распродаде, однапред означените дополнителни производи, збунувачките пораки и постојаните прозорци што ги притискаат корисниците да ја сменат веќе донесената одлука.

Предлогот, кој Европската комисија треба да го претстави во среда, предвидува и забрана за платени „лот-кути“ и механики „плати за да победиш“ во видеоигрите наменети за деца. Компаниите што ќе ги прекршуваат правилата би можеле да се соочат со казни до шест отсто од нивниот глобален годишен промет.

Според процената на Европската комисија, новите правила би ги заштедиле потрошувачите од финансиски загуби во вредност од 88,4 милијарди евра во периодот од 2025 до 2035 година. Ако се пресмета и времето што луѓето го губат поради нефер практики, годишната корист би изнесувала 13,7 милијарди евра. За компаниите, пак, проценетите повторливи трошоци би биле 678 милиони евра годишно, откако ќе се земат предвид преклопувањата меѓу различните мерки.

Портпарол на Европската комисија за „Еуроњуз некст“ изјавил дека институцијата „не коментира протечени документи“.

Кои десет манипулативни трикови ќе бидат забранети?

Нацрт-законот предвидува нова листа на таканаречени „темни обрасци“ (dark patterns) – дизајнерски решенија што намерно ги насочуваат или ги притискаат корисниците кон одредена одлука. Практиките на листата би се сметале за нефер во сите околности, што значи дека надлежните органи повеќе нема да мораат да докажуваат штета во секој поединечен случај.

Меѓу нив се: Откажувањето претплата да биде несразмерно потешко од нејзиното активирање. Цените и условите за автоматско обновување на претплатата да бидат скриени или тешко достапни. Лажно да се сугерира дека корисникот нема друга можност или избор. Да се изнесуваат неточни или недоволно поткрепени тврдења за достапноста или популарноста на производот.

Предупредувањата дека производот наскоро ќе се распродаде да се повторуваат во текот на купувањето. Дополнителни производи или количини да бидат однапред означени во нарачката. Одбивањето на понуда да се прикажува како погрешна или непожелна одлука. Корисникот постојано да биде притискан да ја промени веќе донесената одлука. Да се користат збунувачки формулации со двојни негации. Да се испраќаат лажни известувања што создаваат впечаток дека некој му се обратил на корисникот.

Европската комисија би можела да додава нови манипулативни практики на листата и без повторно да бара одобрение од законодавците.

Нацрт-законот предвидува и забрана за таканареченото постепено откривање на цената (drip pricing), кога задолжителните дополнителни трошоци се појавуваат дури на последниот чекор од купувањето. Ќе бидат забранети и лажните попусти во кои цената „пред“ попустот се споредува со препорачаната цена од производителот, наместо со реалната цена по која производот претходно се продавал кај конкурентите. На удар ќе бидат и заблудувачките тврдења на трговците што продаваат производи без сопствени залихи, односно преку моделот на дропшипинг.

Посебна заштита за децата: без платени лот-кути и реклами според нивното однесување

Децата добиваат посебно внимание во предлогот. Платените лот-кути (loot boxes) и механиките „плати за да победиш“ би биле забранети за малолетниците во видеоигрите. Виртуелните валути во игрите ќе мора да ја прикажуваат својата вистинска вредност во пари. Кај детските профили, нивната употреба би била исклучена стандардно, освен ако родител не даде согласност.

Забрането би било и рекламирањето насочено кон малолетници врз основа на профилирање на нивните податоци и однесување. Ова правило би важело за сите трговци, а не само за големите дигитални платформи што веќе се опфатени со Законот за дигитални услуги.

Корисниците ќе можат да ги исклучат автоматското пуштање и известувањата

Предлогот предвидува нови права и за сите останати корисници. Тие ќе можат да го исклучат автоматското пуштање содржини, известувањата што не се поврзани со нивната активност, наградите засновани врз непрекинати низи на користење (streaks), како и функциите на чет-ботовите што симулираат лични односи за да ги задржат луѓето што подолго на платформата.

Бесплатните пробни периоди повеќе нема да смеат автоматски да преминуваат во платени претплати без активна согласност од корисникот. Компаниите ќе мора да испраќаат потсетници пред автоматското обновување на претплатите, а потрошувачите ќе имаат право да разговараат со вистинско лице во службите за корисничка поддршка.

Една од новините е и воведувањето правила за купувачки агенти со вештачка интелигенција. Корисниците ќе можат да одредат кои купувања мора лично да ги одобрат, додека агентите ќе мора јасно да ги означуваат спонзорираните препораки.

Наместо постојната директива за нефер трговски практики од 2005 година, нацртот предвидува регулатива што директно ќе се применува во сите 27 земји членки на ЕУ. Правилата би почнале да важат 12 месеци по стапувањето во сила, но пред тоа предлогот треба да го одобрат Европскиот парламент и земјите членки.

Германија се противи на новиот закон

Предлогот веќе наидува на отпор во Берлин. Во документ од 14 октомври, за кој известува „Ажанс Ероп“, германската влада оценила дека постојните директиви за заштита на потрошувачите треба да се изменат, наместо да се создава нов закон што би ги опфатил сите области. Германија смета и дека сè уште не е доволно докажана потребата постојната Директива за нефер трговски практики да се замени со регулатива.


Европскиот комесар за правда и заштита на потрошувачите, Мајкл Мекграт, кој го води досието, претходно се обиде да ја увери деловната заедница дека новиот закон нема да биде насочен против компаниите. На минатогодишен самит за трговија во Брисел, како што пренесе „Еуроњуз“, тој го опиша предлогот како „иницијатива и во интерес на потрошувачите и во интерес на бизнисот“, која треба да го намали административниот товар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс