Осумдесет нуркачи од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина викендов учествуваа во еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро кај автокампот „Градиште“.
Нуркачи од Македонија и регионот викендов го чистеа дното на Охридското Езеро, со цел да се отстрани цврст отпад и да се заштити едно од најзначајните природни богатства во Европа. Во акцијата учествуваа 80 нуркачи од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Акцијата се одржа кај автокампот „Градиште“, еден од најпознатите локалитети на охридското крајбрежје. Од дното на езерото биле извадени различни видови отпад, меѓу кои конзерви, стаклени шишиња, гуми и други предмети што го загрозуваат водниот екосистем и безбедноста на посетителите.
Организатор на акцијата е нуркачкиот клуб „Амфора“, од каде порачаа дека регионалната соработка може да направи вистинска разлика за природата.
„Успешна еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад! Заедно отстранивме големо количество отпад од дното на езерото и уште еднаш покажавме дека регионалната соработка може да направи вистинска разлика за природата и идните генерации“, соопштија од „Амфора“.
Охридското Езеро е едно од најстарите и највредните езера во Европа, а неговата заштита бара постојана грижа, особено во периоди на зголемена туристичка активност. Ваквите акции потсетуваат дека отпадот што завршува во водата не исчезнува, туку останува закана за живиот свет, водата и луѓето.

