Додека мировните преговори за Иран се на неизвесна точка, едно од клучните лица што ги обликува следните потези на Техеран е бригадниот генерал Ахмад Вахиди, командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Вахиди ја презеде функцијата по смртта на неговиот претходник Мохамад Пакпур, кој, според Си-Ен-Ен, бил убиен во американско-израелските напади на 28 февруари, првиот ден од војната.
Станува збор за човек кој е под американски санкции поради улогата во задушување протести во Иран, а Интерпол го бара поради наводна вмешаност во бомбашки напад во Аргентина пред три децении. Во исто време, Вахиди важи за еден од најтврдите противници на компромис со Вашингтон.
Експертите го опишуваат како многу влијателна и радикална фигура во иранскиот систем.
„Тој е влијателен, но е дел од системот. Одлуките се носат со консензус, а неговиот глас во таа просторија несомнено има голема тежина“, вели Али Ваез, директор на Иранскиот проект во Меѓународната кризна група.
Поранешниот шеф на иранскиот оддел во израелската воена разузнавачка служба, Дени Цитринович, за Си-Ен-Ен го опиша Вахиди како „многу доминантна“ и „радикална“ личност, длабоко посветена на принципите на Исламската револуција.
„Ништо не може да се договори без тој да го одобри“, изјави Цитринович.
Вахиди во средата предупреди дека доколку има нова агресија врз иранска територија, конфликтот овојпат може да ги надмине границите на Блискиот Исток.
„Ќе примите разорни удари“, порача тој на платформата Икс, според иранските медиуми.
Изјавата дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бил блиску до нов напад врз Иран и предупреди дека „времето истекува“ за постигнување договор. Подоцна Трамп рече дека е подготвен да почека и да види дали преговорите ќе напредуваат.
Иако претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи се јавните лица на иранската дипломатија, експертите сметаат дека Вахиди зад сцената веројатно застапува некои од најтврдите позиции на Техеран.
Иран досега одбиваше предлози што, според неговото толкување, би значеле капитулација. Според извори запознаени со разговорите, најновата иранска понуда не покажува значителни отстапки во клучните спорни точки, а прашањето за збогатувањето ураниум останува главна причина за застојот.
Вахиди е роден во 1958 година во Шираз. По Исламската револуција во 1979 година се приклучил на новиот поредок, а во 1981 година бил именуван за заменик-шеф на разузнавачката служба. Подоцна станал прв командант на силите „Кудс“, елитната единица на Револуционерната гарда.
Во текот на кариерата бил заменик-командант на Револуционерната гарда и иранската војска, а извршувал и функции министер за одбрана и министер за внатрешни работи.
Американското Министерство за финансии го санкционираше во 2022 година поради задушувањето на протестите по смртта на Махса Амини, младата жена која почина во притвор откако беше уапсена од моралната полиција поради наводно прекршување на правилата за облекување.
Вахиди останува една од најконтроверзните фигури во иранскиот безбедносен апарат — човек со големо влијание во време на војна, но и со минато што го прави мета на западните служби и меѓународни потерници.