За време на прошетка низ шума во берлинската населба Панков, еден граѓанин наишол на сомнителен предмет, што довело до откривање дури 59 неексплодирани гранати од Втората светска војна. Специјалистички единици на Покраинската служба за криминалистички истраги пронашле закопана муниција со вкупна тежина од околу 1,5 тон.
По пријавата, на терен излегле стручни лица и во шумското земјиште откриле 59 неиспукани гранати од советско производство, секоја со калибар од 122 милиметри. Утврдено е дека станува збор за муниција заостаната од Втората светска војна.
Духовита објава на полицијата
Берлинската полиција за необичното откритие информираше и на социјалните мрежи, со доза хумор.
„Се покажа дека во шумите на Панков лежи нешто повеќе од само дрва…“, напишаа во објава на Фејсбук.
Сложена операција за отстранување
Од полицијата нагласија дека ситуацијата не била толку драматична колку што може да изгледа на прв поглед. Според нив, во ниту еден момент немало опасност за граѓаните.
Сепак, извлекувањето на муницијата барало сложена специјалистичка операција. Пиротехничарите ги обезбедувале гранатите една по една, по што биле отстранети за безбедно уништување.