Полска доби едни од најнапредните борбени авиони во НАТО

Полска ја прими првата испорака на борбени авиони Ф-35 од САД, со што ги зајакнува одбранбените капацитети на источното крило на НАТО.

Полска оваа недела ја прими првата испорака на борбени авиони Ф-35 од Соединетите Американски Држави, со што значително ги зајакнува своите одбранбени капацитети на источното крило на НАТО.

Првите три авиони во петокот слетаа во воздухопловната база Ласк.

Нови чувари на полското небо

Пристигнувањето на авионите го поздрави полскиот министер за одбрана Владислав Косинијак-Камиш, нарекувајќи ги „нови чувари на полското небо“.

„Станува збор за првите борбени авиони од петтата генерација на источното крило на НАТО, кои можат да откријат закани пред и самите да бидат забележани“, објави министерот на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека за Полска ова не е само нова опрема, туку влез во „елитната глобална лига на модерни воздухопловства“.

Договор за 32 авиони

Полска од САД нарача вкупно 32 повеќенаменски борбени авиони Ф-35, кои ги произведува американската компанија „Локид Мартин“.

Договорот за набавка беше потпишан во 2020 година, а се очекува испораката на сите авиони да биде завршена до 2030 година.

Еден од најнапредните авиони во НАТО

Авионите Ф-35 се сметаат за едни од најнапредните борбени авиони во арсеналот на земјите членки на НАТО.

Во Европа, освен Полска, ги користат и воздухопловните сили на Обединетото Кралство, Германија, Норвешка, Холандија, Белгија, Италија и Данска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс