Асоцијацијата за е трговија на Македонија (АЕТМ), во партнерство со Visa, го објави четвртото издание на иницијативата „Е трговија: Супермоќ за локалните бизниси“, наменета за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да започнат со онлајн продажба.

Јавниот повик е отворен до 20 јули 2026 година, а преку програмата ќе бидат избрани 15 компании кои бесплатно ќе добијат сопствена е продавница, како и практична едукација за е трговија и дигитален маркетинг.
Иницијативата е дел од долгогодишната соработка меѓу АЕТМ и Visa, чија цел е да се поттикне дигиталната трансформација на домашните компании и да им се помогне полесно да стигнат до нови пазари, купувачи и можности за раст преку онлајн продажба.
„Соработката на Visa со Асоцијацијата за е трговија е одличен пример како партнерствата можат да придонесат за зајакнување на локалната економија и дигиталната трансформација. Четврта година по ред ги поддржуваме микро, малите и средните претпријатија во Северна Македонија да ги отворат своите е продавници и да го искористат потенцијалот на дигиталната трговија и електронските плаќања“, изјави Ана Драшковиќ, потпретседател и извршен директор на Visa за Југоисточна Европа.

Таа посочи дека малите и средните претпријатија се столбот на локалната економија, а интересот за онлајн купување постојано расте. Според истражувањето Visa Pulse, 42 проценти од потрошувачите во Северна Македонија купуваат онлајн најмалку еднаш месечно, додека една третина тоа го прават уште почесто.
Во претходните три изданија на програмата биле поддржани вкупно 55 домашни компании, кои успешно ги отвориле своите први е продавници и ги унапредиле своите дигитални вештини за онлајн продажба. Со тоа, иницијативата придонесе за поголема дигитализација и конкурентност на домашните бизниси.