„Нема да ви се верува што се случи претходно“: Филм што не те пушта да престанеш да гледаш

Срѓан Јаниќијевиќ за Трн зборува за својот дебитантски долгометражен филм, синергијата со Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски и за приказната која, како што вели, денес е уште поактуелна и пострашна

Адријана Георгиев

„Филм кој сакаш да го гледаш“, вака режисерот Срѓан Јаниќијевиќ го опишува „Нема да ви се верува што се случи претходно“, своето дебитантско долгометражно остварување. Политичкиот трилер со елементи на нео-ноар и црна комедија е филм за новинарството, моќта, корупцијата и општеството во кое границите меѓу политиката, криминалот и медиумите стануваат сè понејасни.

Филмот ја имаше светската премиера во официјалната конкуренција на Филмскиот фестивал во Олденбург, а македонската премиера се одржа на затворањето на 47. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Приказната следи двајца новинари и компромитирачко видео кое може да го разниша целиот систем. Во играта на уцени, предавства и борба за вистината, личниот и професионалниот интегритет постојано се ставаат на тест.

Во разговорот за Трн, Јаниќијевиќ открива дека идејата за филмот долго време ја носел во себе, пред да започне соработката со Сашо Кокаланов, кој се вклучил во развојот на сценариото. Подоцна, Дејан Дуковски внесол нова перспектива и „комплетно нова структура“, која според режисерот била клучна за финалната форма на приказната.

За Јаниќијевиќ токму во тоа лежи суштината на филмската работа – во синергијата меѓу различни автори и професии. Наместо еден човек да ја држи целата контрола, тој верува дека филмот станува посилен кога во него ќе влезат повеќе луѓе со сопствени идеи, искуства и визии.

Срѓан Јаниќијевиќ и Дејан Димески

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ веќе ја почувствува првата реакција од меѓународната публика во Олденбург. Режисерот вели дека бил особено изненаден од начинот на кој публиката го разбрала филмот и неговите слоеви, иако станува збор за македонска приказна, со јазичен и културен контекст различен од германскиот.

Филмот, според него, успеал да ја премине таа граница. Реакциите по премиерата биле исклучително позитивни, а меѓународната критика го препозна филмот како возбудлив морален трилер за корупцијата, моќта и системот кој ги турка луѓето во компромиси. Но, најинтересниот дел од разговорот доаѓа кога Јаниќијевиќ зборува за тоа колку неговата првична визија се променила во текот на создавањето на филмот.

„Во однос на идејата не само што е безкомпромисен, дури има и една реченица во филмот каде што вели: нема прошка“, вели режисерот.

За него, компромисите во филмот се неизбежни кога станува збор за продукцијата, буџетот и условите за снимање. Но кога станува збор за суштината на приказната, вели дека не сакал да отстапи. А приказната денес, според него, е уште поактуелна отколку кога започнал да ја создава.

„Светот се смени многу пострашно, а ние сè уште сме многу весели во оваа трагедија во која живееме, многу неодговорно ја сфаќаме. Филмот е мало предупредување за тоа“, вели Јаниќијевиќ.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер кој, зад приказната за новинари, видео и борба за вистината, отвора прашања за тоа што се случува кога системот станува помоќен од поединецот, а компромисот почнува да изгледа како единствениот начин да се преживее.

Во видеото погледнете го целиот разговор со Срѓан Јаниќијевиќ за филмот, неговото создавање, соработката со Кокаланов и Дуковски, реакциите во Олденбург и за тоа зошто приказната денес звучи пострашно отколку што очекувал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс