Заби од Сулавеси го кријат најстариот доказ за консумирање дрога во светот

Траги од ареколин пронајдени во заби од пештера во Сулавеси го поместија најстариот доказ за консумација на дроги далеку пред земјоделството.
Фото: Fakhri

Остатоци од двајца праисториски ловци-собирачи, пронајдени на индонезискиот остров Сулавеси, го кријат најстариот познат доказ за човечка употреба на дроги во светот. Анализата на нивните заби, стари до 25.000 години, покажа длабоки оштетувања и хемиски траги од бетел орев. Откритието на меѓународен археолошки тим руши досегашна научна претпоставка дека психоактивните супстанции станале навика дури по појавата на земјоделството.

Истражувачите од австралискиот универзитет Грифит, во соработка со индонезиски научници, анализираа скелетни остатоци од две праисториски индивидуи. Постариот скелет датира од пред 25.000 до 16.000 години, што се совпаѓа со врвот на последното ледено доба, додека вториот е стар околу 7.000 години. На забите од двата примерока беа забележани невообичаени, длабоки полукружни жлебови кои не одговараат на вообичаено џвакање храна.

Биохемиските тестови предводени од вонредниот професор Карни Матесон потврдија присуство на ареколин директно во забните ткива. Ареколинот е главен психоактивен алкалоид во бетел оревот, семето од палмата Areca catechu. Овој стимуланс денес го користат стотици милиони луѓе во Азија и Пацификот, правејќи го четврта најчесто употребувана психоактивна супстанција во светот по алкохолот, кофеинот и никотинот.

Денешните корисници го џвакаат оревот во комбинација со гасена вар, добиена од изгорени морски школки, за да предизвикаат хемиска реакција која го забрзува дејството во крвотокот. Новите лабораториски тестови покажаа поинаков механизам за древните заедници.

Тимот предводен од професорот Адам Брам потопуваше цели ореви во вештачка плунка и ги тестираше растворите врз клонирани човечки рецептори. Експериментот потврди дека и самото долготрајно цицање на целиот, сиров орев ослободува доволно ареколин за да предизвика невролошки ефект и промени во мозочните функции. Токму триењето на тврдото оревче со години создало препознатливи жлебови на забите на ловците.

Покрај благото стимулирачко дејство, ареколинот делува и како природен аналгетик. Научниците претпоставуваат дека праисториските луѓе можеби првично посегнале по семето за да ги смират силните болки во вилицата. Популациите од тој период во Сулавеси страдале од исклучително лошо орално здравје и чести инфекции.

Навиката создала маѓепсан круг. Тврдата површина на семето постепено ја избришала заштитната глеѓ и ја отворила пулпата на забите. Тоа довело до неподнослива болка, неможност за нормално џвакање и хронични воспаленија, што веројатно ги терало поединците уште почесто да го држат оревот во уста за да ја ублажат болката.

Студијата објавена во списанието „Science Advances“ наметнува преиспитување на историјата на психоактивните супстанции. Долго време во научната заедница доминираше тезата дека организираната употреба на дроги и алкохол настанала дури откако луѓето ги напуштиле пештерите и започнале да одгледуваат жито, со ферментација на јачменово пиво пред околу 13.000 години на Блискиот Исток.

Наодите од пештерите во Индонезија покажуваат дека потребата за стимуланси и лекови била присутна десетици илјади години порано. Користењето природни психоактивни растенија било дел од секојдневниот живот на заедниците од леденото доба многу пред првите ниви и земјоделски населби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс