НАТО е целосно подготвен да одговори на потенцијална ескалација од Москва на источното крило на Алијансата, изјави денеска претседавачот на Воениот комитет, адмирал Џузепе Каво Драгоне. По состанокот на највисоките воени команданти на 32 земји-членки во Копенхаген, тој соопшти дека сојузниците располагаат со детални планови и подготвени сили за секое можно руско сценарио.
„Сојузот е подготвен, структурата е подготвена, војниците се тука, оружјето е подготвено“, изјави адмиралот Каво Драгоне по завршувањето на состанокот во данската престолнина.
Според него, Алијансата континуирано ги зголемува сопствените капацитети, како со зголемување на живата сила, така и со технолошко надградување на опремата. Воениот комитет, како највисоко воено тело на НАТО, во Копенхаген ги дефинираше чекорите за засилување на колективната одбрана и натамошната воена помош за Украина.
Алијансата во моментов располага со околу 4.000 страници детални регионални одбранбени планови. Овие документи разработуваат конкретни реакции за различни нивоа на ризик, почнувајќи од изолирани безбедносни инциденти на границите, па сѐ до сеопфатен директен напад.
„Подготвени сме во случај на ескалација. Доколку дојде до напад, точно знаеме што треба да направиме“, рече Каво Драгоне.
Овие оперативни планови се резултат на длабока реорганизација започната по руската инвазија врз Украина. На самитот во Вилнус во 2023 година, сојузниците усвоија три големи регионални зони на одбрана: првата за северот и Атлантикот, втората за Балтикот и Централна Европа, и третата за јужниот појас што ги опфаќа Црното Море и Медитеранот. Паралелно со плановите, мултинационалните борбени групи на НАТО остануваат распоредени на целиот потег од Балтичкото Море до Бугарија.