Млад човек претепа пешак во Будимпешта, велосипедист го запре со оружје

Напаѓачот ненадејно соборил минувач на пешачки премин и го клоцал во глава, пред да интервенираат вооружен минувач и обезбедување.

Млад човек синоќа физички нападна пешак во центарот на Будимпешта, удирајќи го со клоци во главата додека лежел на коловозот, сè додека случаен велосипедист не впери предмет налик на пиштол кон него за да го сопре насилството. Случајот бил целосно снимен од очевидци, а полицијата набрзо го привела осомничениот под сомнение за обид за нанесување тешка телесна повреда.

Инцидентот се случил на пешачки премин во центарот на унгарската престолнина. Напаѓачот му притрчал на минувачот од грб, го фатил за вратот и насилно го соборил на асфалтот.

Додека жртвата се обидувала да стане, напаѓачот трипати силно го удри со нога директно во главата. Од видеоснимката што кружи на социјалните мрежи не се забележува никаков претходен контакт или вербален конфликт меѓу двајцата мажи.

Насилството прекинало кога велосипедист кој се затекнал на местото застанал, извадил предмет налик на пиштол и го насочил право кон напаѓачот. Напаѓачот веднаш се повлекол неколку чекори наназад.

Потоа останатите минувачи го опколиле осомничениот за да не избега. Набрзо пристигнале и припадници на обезбедувањето од блискиот локал, кои физички го совладале и го задржале на земја.

Возило на итната медицинска помош сосема случајно минувало низ истата улица во моментот на инцидентот. Медицинскиот тим веднаш му укажал помош на повредениот маж на лице место, но засега нема официјални информации за тежината на неговите повреди.

Полицијата во Будимпешта потврди за унгарскиот портал „24.hu“ дека осомничениот е уапсен и се наоѓа во притвор. Против него е отворена кривична постапка за обид за нанесување тешка телесна повреда, а властите сè уште не го соопштуваат неговиот идентитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс