46 жртви за пет години: Светски ден против трговија со луѓе и реалноста во Македонија

На 30 јули, Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден против трговија со луѓе, годинава под мотото „Заробени зад измамата“. Во Северна Македонија, меѓу 2019 и 2024 година, се идентификувани 46 жртви.

На 30 јули, Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден против трговија со луѓе, ден востановен во 2013 година со резолуција на Генералното собрание, со цел да се подигне свеста за состојбата на жртвите и да се промовира и заштити нивното право на безбедност и достоинство. Годинешната тема, „Заробени зад измамата“, за првпат директно го става фокусот на една од најбрзорастечките форми на трговија со луѓе а тоа се лица намамени со лажни огласи за работа, кои потоа се принудени да вршат онлајн измами и сајбер-криминал под закани, присила и должничка зависност. Во меѓувреме, официјалните податоци покажуваат дека проблемот не е далечна појава ниту во Македонија – меѓу 2019 и 2024 година биле идентификувани 46 жртви на трговија со луѓе.

Зошто токму 30 јули?

Датумот е официјално прогласен во 2013 година, кога државите членки на Обединетите нации усвоија резолуција со која се утврди потребата од посебен ден посветен на подигање на свеста за состојбата на жртвите на трговија со луѓе и за промоција и заштита на нивните права. Три години претходно, во 2010 година, беше усвоен и Глобалниот план за акција за борба против трговијата со луѓе, кој ги повикува владите ширум светот на координирани и долгорочни мерки за сузбивање на оваа форма на организиран криминал.

Новата закана – принудни дигитални измами

Годинешната тема „Заробени зад измамата“ ја отвора релативно новата, но исклучително брзорастечка димензија на трговијата со луѓе. Според генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, станува збор за една од најбрзорастечките форми на експлоатација денес – луѓе намамени со ветувања за добро платена работа, кои потоа завршуваат заробени од криминални мрежи и присилени да извршуваат интернет-измами врз други лица.

Овие криминални центри измамуваат милиони луѓе ширум светот и создаваат огромен нелегален профит за транснационалните криминални организации. Новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, дополнително им овозможуваат на измамниците побрзо и полесно да ги прошират своите активности. Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) веќе им помага на земјите во Југоисточна Азија, епицентарот на овој феномен, во подобрување на идентификацијата на жртвите, истрагите и кривичниот прогон.

Глобалните размери на проблемот

Според проценките на Меѓународната организација на трудот, во 2021 година околу 27,6 милиони луѓе ширум светот живееле во услови на современо ропство, кое опфаќа присилен труд и присилен брак, а значителен дел од нив биле жртви на трговија со луѓе.

Најчестите форми на експлоатација остануваат присилниот труд и сексуалната експлоатација, но трговијата со луѓе опфаќа и присилен брак, домашно ропство, регрутирање деца-војници и трговија со органи, погодувајќи луѓе од сите возрасти и општествени групи.

Состојбата во Македонија

Во Македонија, според податоците на Советот на Европа, меѓу 2019 и 2024 година биле идентификувани вкупно 46 жртви на трговија со луѓе. Организацијата предупредува дека жртвите често се соочуваат со долготрајни судски и административни постапки, што претставува дополнителен товар за лица кои веќе преживеале сериозна експлоатација.

Меѓу формите на експлоатација присутни во регионот, особено загрижува присилниот брак на малолетни девојчиња. Иако честопати се претставува како традиционален брак, меѓународните организации предупредуваат дека во одредени случаи станува збор за форма на трговија со луѓе и експлоатација.

Меѓународна акција со резултати и во Македонија

Дека проблемот не е само статистика покажува и меѓународната операција „Global Chain“, спроведена во јуни 2026 година во рамки на Европската мултидисциплинарна платформа за закани од криминал (EMPACT), во која учествуваа 59 држави.

Во Македонија, за време на акцијата, биле откриени три кривични дела за фалсификување исправи и 49 прекршоци, од кои 42 ги сториле странски државјани, најмногу од Албанија и Турција. Идентификуван е и случај на нелегално посвојување, за кој е отворена истрага поради сомневање за трговија со луѓе со цел присилно питачење.

На ниво на сите земји учеснички биле уапсени 1.024 лица, а идентификувани се 2.070 жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе, меѓу кои 162 малолетници.

Институционален одговор

Борбата против трговијата со луѓе во Македонија се спроведува преку координација на повеќе институции, меѓу кои Националната единица за спречување криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Министерството за внатрешни работи и Националниот механизам за упатување, во кој учествуваат центрите за социјална работа.

Трудовите инспектори, невладините организации и другите здруженија имаат клучна улога во препознавањето и идентификацијата на потенцијалните жртви. Правните експерти истовремено укажуваат на потребата од формирање посебен фонд за обесштетување на жртвите, како и од дополнителни програми за нивна психосоцијална поддршка и ресоцијализација.

Од стереотип до дигитална реалност

Светскиот ден против трговија со луѓе годинава се одбележува во време кога овој криминал одамна не се поврзува само со сексуална експлоатација или присилен труд. Тој сè повеќе се префрла и во дигиталната сфера, каде жртвите преку измама завршуваат во организирани криминални мрежи што ги принудуваат да вршат онлајн измами.

Резултатите од последните меѓународни акции покажуваат дека оваа појава веќе директно ја засега и Македонија, не само како транзитна рута, туку и како земја во која граѓаните можат да станат жртви на традиционални, но и на сè почести дигитални форми на трговија со луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс