Големите шумски пожари што со денови беснеат во Шпанија, Франција и Португалија би можеле да бидат само почеток на најтешката противпожарна сезона што Европа некогаш ја доживеала. Европскиот координативен центар за реагирање во вонредни ситуации (ЕРЦЦ) предупредува дека континентот влегува во критична фаза, а опасноста од нови големи пожари во наредните денови значително ќе се зголеми.
Според проценките на експертите, 2026 година би можела да стане најлошата година за шумски пожари во европската историја, надминувајќи ги досегашните рекорди.
„Доколку пожарите во Португалија и Шпанија не бидат ставени под контрола до почетокот на август, речиси цела Европа ќе се соочи со висок ризик од големи пожари“, предупреди раководителката на ЕРЦЦ, Марија Зубер, во оперативниот центар во Брисел.
Таа посочи дека, покрај Франција и Шпанија, ризикот нагло расте и во Грција, Италија и делови од Централна Европа, каде високите температури, сушата и силните ветрови создаваат идеални услови за брзо ширење на огнената стихија.
Обилните дождови ја создадоа опасноста
Според експертите, обилните врнежи во текот на зимата и пролетта овозможиле бујна вегетација, која поради екстремните летни горештини сега се претворила во огромна количина суво и лесно запаливо гориво.
Во западна Шпанија властите наредија евакуација на повеќе населени места поради големиот пожар во покраината Замора, во близина на границата со Португалија. Евакуиран е и дом за стари лица, а снимките покажуваат густ чад што се издига над погоденото подрачје.
Во исто време, дел од жителите во околината на Мадрид добија дозвола да се вратат во своите домови откако најголемиот пожар во централна Шпанија беше ставен под контрола.
Франција со историски рекорд
Франција веќе ја бележи најголемата изгорена површина во својата историја.
Според француското Министерство за еколошка транзиција, од почетокот на годината изгореле повеќе од 115.000 хектари, додека низ Европската Унија досега се уништени над 254.000 хектари шуми и вегетација.
Иако големиот пожар западно од Бордо е ставен под контрола, пожарникарите и понатаму интервенираат на повеќе нови жаришта. Околу 60.000 евакуирани жители веќе се вратиле во своите домови, но пожарите уништиле најмалку 240 куќи.
Климатските промени ја продолжуваат сезоната
Научниците предупредуваат дека климатските промени ги прават шумските пожари сè поопасни.Потоплите и посуви лета, особено во Медитеранот, создаваат услови пожарите полесно да се шират и подолго да траат. Дополнително, Европа се затоплува речиси двојно побрзо од светскиот просек, што ја продолжува сезоната на пожари.
Претставници на Европската Унија предупредуваат дека оваа година пожарите би можеле да продолжат дури и во ноември.
Сепак, експертите нагласуваат дека повеќе од 90 проценти од шумските пожари се предизвикани од човек, било намерно или поради невнимание.
Нови пожари и во Турција
Во меѓувреме, нов голем пожар избувна и во турската покраина Мугла, во близина на туристичките центри Фетие и Анталија.
Поради пожарот беше привремено затворен главниот пат што ги поврзува двата града, а на терен интервенираат пет противпожарни авиони, 11 хеликоптери, 40 противпожарни возила и стотици припадници на службите за итни случаи.
Загинаа тројца пожарникари во Грција
Грција деновиве ја погодија повеќе големи пожари, при што загинаа тројца пожарникари.
Последната жртва загина при гаснење пожар на Пелопонез, додека претходно двајца пожарникари, на возраст од 23 и 27 години, ги загубија животите на островот Крит, откако биле заробени меѓу два огнени фронта.
Поради приближувањето на пожарите кон туристичките места, властите евакуираа жители и туристи од крајбрежниот град Агиа Галини.
ЕУ бара подобра превенција
Европската комисија веќе подготви нови препораки за справување со сè поразорните пожари. Меѓу предложените мерки се пошироко пасење добиток за намалување на запаливата вегетација, обновување на мочуришта и речни подрачја, подобар мониторинг на шумите, како и поголема едукација на населението за спречување пожари и безбедна евакуација.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен им се заблагодари на пожарникарите за нивната храброст и истакна дека европската солидарност продолжува, при што Романија, Грција и Полска испраќаат дополнителна помош во најпогодените региони.
Експертите предупредуваат дека доколку екстремните горештини и сушата продолжат, Европа ја очекуваат уште неколку исклучително тешки недели во борбата со огнената стихија.