Напади, закани и прекршени мерки: За пет дена, 14 уапсени за семејно насилство

Од 1 до 5 ноември полицијата постапувала по пријави за физички напади, закани и психичко малтретирање. Меѓу случаите има и непочитување судски мерки за заштита.
Vanessa Gor, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Полицијата постапувала по 25 пријави за семејно насилство и насилство во партнерски и семејни односи во периодот од 1 до 5 ноември. Во постапувањето по дел од случаите биле уапсени и приведени 14 лица, според податоците на МВР.

Пријавите опфаќаат сомненија за физички напади врз сопружници, поранешни партнери, родители, деца, браќа и сестри, како и за психичко малтретирање, закани и вознемирување.

Случаите се евидентирани на подрачјата на Скопје, Куманово, Кочани, Штип, Велес, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово, Берово, Струга, Кичево, Свети Николе и Струмица.

Пријави за семејно насилство и покрај изречени заштитни мерки

Меѓу евидентираните случаи има и непочитување на судски заштитни мерки. Во Тетово било пријавено следење и упатување закани од поранешен партнер, спротивно на веќе изречените мерки за заштита.

Во еден од случаите во Скопје, според МВР, лице со остар предмет ѝ се заканувало на својата мајка. Пријавени биле и физичко насилство врз малолетни лица и насилно однесување во семејниот дом.

Полицијата евидентирала и непочитување решенија на центрите за социјална работа за остварување видувања со малолетни деца.

По целосно документирање на случаите, МВР најавува соодветни пријави и поднесоци против инволвираните лица.


Од Министерството ги повикуваат граѓаните да не го премолчуваат насилството и навремено да го пријавуваат, за надлежните институции да можат да реагираат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс