Што вети Скопје за да ја добие титулата, а што менува новиот закон за „Скопје 2028“

Bid Book-от предвидува автономна фондација, повеќе од 125 милиони евра и култура ослободена од политичко влијание. Новиот закон мора да покаже дали ја спроведува таа визија или воспоставува сосема поинаков систем.

Кога Скопје ја доби титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, не ја доби затоа што некој во Брисел решил да ни направи услуга. Не ја доби ни затоа што сме посебно талентирани за култура, урбанизам или долгорочно планирање. Ја доби врз основа на конкретен документ, конкретна програма и конкретни ветувања.

Тој документ се вика Bid Book. Во него Скопје не вети само концерти, изложби и свечени отворања. Вети модел на управување. Вети финансиска конструкција. Вети автономна фондација, европски стандарди, вети професионализам. Вети култура ослободена од дневната политика.

И, можеби најважно, вети дека проектот „Скопје 2028“ нема да биде уште една институционална импровизација во која партиите ги избираат луѓето, избраните луѓе ги пишуваат правилата, а јавноста дознава што се случило откако парите веќе се потрошени.

Токму затоа новиот закон не смее да се гледа како техничко прашање. Не станува збор само за тоа како ќе се формира една фондација. Станува збор за тоа дали Македонија ќе го спроведе она што го ветила пред Европа или, откако ја добила титулата, ќе ги смени правилата и ќе воспостави сосема поинаков систем.

Скопје вети култура над поделбите

Главниот концепт на кандидатурата беше „Culture over Division“ – култура над поделбите. Тоа звучеше моќно. И сè уште звучи.

Во град изграден од политички, етнички, економски и урбани поделби, културата требаше да стане простор во кој тие поделби ќе се надминуваат. Не да се кријат, не да се шминкаат, туку да се отвораат, обработуваат и надминуваат.

Но, културата не може да биде над поделбите ако управувањето со неа е партиски поделено.

Не може да зборуваме за европска културна престолнина, а клучните органи да зависат од политичка волја. Не може да ветуваме автономија, а потоа да воспоставиме систем во кој градоначалникот има клучна улога во именувањето и разрешувањето на луѓето што ќе управуваат со проектот. Тоа не е автономија. Тоа е политичка контрола со културен речник.

Од 125 милиони до 21 милион евра

Во Bid Book-от беше проектиран оперативен буџет од повеќе од 125 милиони евра. Само за културната програма беа предвидени околу 90 милиони евра. Град Скопје се обврза на 20 милиони евра, а останатите средства требаше да дојдат од државата, општините, европските фондови и приватниот сектор.

Во јавноста сега се зборува за законска рамка вредна околу 21 милион евра. Разликата не е мала. Не станува збор за погрешно пресметана ставка или за неколку милиони повеќе или помалку. Станува збор за целосно различен финансиски обем.

Каде исчезнаа повеќе од 100 милиони евра?

Дали програмата е намалена? Дали дел од проектите се напуштени? Дали државата се откажала од финансиските обврски? Дали европските пари никогаш не биле реално обезбедени? Дали Bid Book-от бил реален план или убаво напишана апликација потребна само за да се добие титулата?

Ова не е ситничарење.

Кога добивате европска титула врз основа на буџет од 125 милиони евра, а потоа носите закон за систем од околу 21 милион, јавноста има право да знае што точно останало од првичниот проект.

Не може Bid Book-от да важи кога се слави победата, а да престане да важи кога треба да се исполнат ветувањата.

Фондацијата сама ќе си ги пишува правилата

Најсериозниот проблем во предложениот закон е изземањето на Фондацијата од Законот за јавните набавки. Образложението веројатно ќе биде дека културата бара флексибилност. И тоа е точно.

Не можете гостување на светски уметник, авторско дело или специфична уметничка продукција секогаш да ги набавувате како канцелариски столчиња. Културните проекти имаат специфики и системот мора да ги препознае.

Но едно е да предвидите прецизни и ограничени исклучоци за авторски и уметнички ангажмани. Сосема друго е целата фондација да ја извадите од системот на јавни набавки.

Проектот нема да купува само уметност. Ќе купува опрема. Ќе ангажира продукции. Ќе плаќа сценографија, техника, транспорт, маркетинг, сместување, инфраструктурни работи, градежни интервенции и стандардни услуги за кои постои пазар и реална конкуренција.

Зошто за тие набавки да не важат истите правила што важат за сите други институции што трошат јавни пари?

Уште полошо, според предложениот модел, Одборот на Фондацијата ќе ги носи интерните правила, ќе го усвојува планот за набавки, ќе ги формира комисиите и ќе одлучува по приговорите. Значи, истиот систем ги пишува правилата, ги спроведува и оценува дали самиот ги прекршил.

Тоа не е независна контрола. Тоа е затворен круг во кој не постои транспарентност и аргументи, паланечки марифет за изигрување на основната смисла на нешто што се вика Европска престолнина на културата.

Јавни пари, интерни правила

Кога парите се јавни, правилата не смеат да бидат интерни. Ова би требало да биде основен демократски принцип, а не радикално барање.

Фондацијата не е приватна компанија. Не располага со пари што некој сопственик доброволно ги вложил и може да ги троши како што сака. Таа ќе се финансира со пари од Буџетот, Градот, општините и европските фондови.

Тоа се наши пари и токму затоа не е доволно да ни кажат дека Одборот ќе биде чесен, дека директорот ќе биде професионален или дека нема причина за сомнеж.

Законите не се пишуваат за чесни луѓе. Законите се пишуваат за да не зависи системот од тоа дали луѓето што моментално управуваат се чесни.

Добар закон не бара од јавноста да верува. Добар закон создава механизми преку кои јавноста може да проверува.

Кој го избра директорот?

Дополнителен проблем е што директорот на проектот веќе беше јавно претставен пред да биде донесен законот и пред да се формираат органите што, според самиот закон, би требало да го изберат.

Тоа отвора едноставно прашање: што е прво, институцијата или кадровското решение?

Во нормален систем, прво се утврдуваат правилата, потоа се основа институцијата, потоа се избираат органите и на крајот, преку јасна и транспарентна постапка, се избира директор.

Кај нас изгледа дека прво се избира директорот, а потоа се носи закон што треба да го смести во некаква институционална рамка.

Можеби избраниот човек е најдобриот можен кандидат. Можеби има знаење, искуство и интегритет. Тоа воопшто не е поентата. Поентата е дека јавните институции не смеат да се градат околу веќе избрани, октроирани луѓе.

Луѓето треба да се избираат според институционални правила.

Зошто законот се носи по скратена постапка?

Скопје ја доби титулата во 2023 година. До 2028 има уште време, но не бесконечно. Сепак, тешко е да се објасни зошто закон за проект од вакво културно, финансиско и европско значење се носи по скратена постапка, без широка јавна дебата.

Каде без културните работници?

Каде е независната сцена, институциите, уметниците, продуцентите, антикорупциските организации и експертите за јавни набавки? Дали некој комуницирал со нив на оваа тема, дали им било побарано барем формално мислење и совет?

Зошто јавноста треба да дознае за моделот откако законот веќе е во Собранието?

Скопје 2028 требаше да биде најголемиот културен проект во современата историја на градот (па и државата). Наместо тоа, неговата институционална архитектура се носи како административна итност со шверцерски манир.

Културата над поделбите, очигледно, не подразбира и учество на јавноста која е надвор од затворените политички, партиски кабинети.

Ова не е напад врз „Скопје 2028“

Критиката на овој закон не е напад врз проектот. Токму спротивното.

„Скопје 2028“ мора да успее. На градот му треба. На културната сцена ѝ треба. На луѓето што со години создаваат во услови на сиромаштија, импровизација и институционална незаинтересираност им треба шанса да бидат дел од нешто поголемо.

Но токму затоа проектот не смее да биде заробен од партиски влијанија, нетранспарентно трошење и кадровски решенија донесени пред да бидат воспоставени правилата.

Не смееме повторно да ја направиме истата грешка: најпрво да создадеме систем без контрола, а потоа, кога ќе се појават скандалите, да се чудиме како било можно.

Сега е моментот да се реафира. Влогот е преголем за да се дозволи сомнеж врз спроведувањето на најголемиот културен проект во Македонија од нејзиното осамостојување до денес.

Закон што ќе ја заштити културата и од власта

На „Скопје 2028“ му треба посебен закон. Му треба и оперативна флексибилност. Но му треба и систем што ќе ја заштити културата од политичката власт, без разлика кој е градоначалник, министер или премиер.

Тоа значи јасни критериуми за избор на управните органи. Јавни конкурси. Ограничени и прецизно дефинирани исклучоци од јавните набавки, а не целосно изземање. Независен механизам за жалби.

Редовно објавување на сите договори, исплати, хонорари и избрани изведувачи. Јавни извештаи за тоа кои проекти од Bid Book-от се задржани, кои се сменети, кои се откажани и зошто.

И, пред сè, јасен одговор на прашањето: дали денешниот проект е истиот проект со кој Скопје ја доби титулата?

Затоа што титулата не е бланко-чек.

Европа не ни ја даде за потоа ние да правиме што сакаме. Ја добивме врз основа на ветувања и дефиниран план.

е-Трн да боцка во твојот инбокс