ВИДЕО: Белата куќа демантира дека Трамп спиел на погребот на Линзи Греам

Видео од погребот на сенаторот Греам стана вирално откако Трамп со минути ги држеше очите затворени.

Американскиот претседател Доналд Трамп на погребот на сенаторот Линзи Греам во Националната катедрала во Вашингтон подолго време ги држеше очите затворени, а снимките станаа вирални на социјалните мрежи. Белата куќа демантираше дека претседателот спиел и изјави дека размислувал за загубата на пријателот. Греам почина на 11 јули, на 71 година.

На снимките од Националната катедрала се гледа 80-годишниот Трамп како седи во првиот ред. Повремено ја спушта главата и подолго ги држи очите затворени. Не може со сигурност да се утврди дали навистина спиел, но кадрите предизвикаа лавина реакции на социјалните мрежи.

Дел од коментарите беа остри. „Да заспиеше Бајден на погреб кај пријател, ќе слушавме за тоа и по десет години“, напиша еден корисник на Икс. Друг потсети дека токму Трамп со години го нарекуваше својот претходник Џо Бајден „Поспаниот Џо“ и го обвинуваше дека дремел за време на извршување на претседателските должности.

Не сите беа критични. Дел од јавноста застана во одбрана на Трамп, со коментар дека не е ретко ниту тешко да се задреме во црква.

Портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл, за The Independent категорично ги отфрли наводите дека претседателот спиел. Според него, Трамп во тие моменти размислувал за загубата на својот драг пријател Линзи Греам.

Медицинскиот аналитичар на CNN, Џонатан Рајнер, уште во мај предупреди дека претседателот покажува знаци на изразена дневна поспаност. Според него, Трамп често заспива, а неколкупати заспал и во Овалната канцеларија додека луѓе разговарале со него. Хроничните нарушувања на сонот, додаде тој, можат да го зголемат ризикот од проблеми со паметењето и другите когнитивни способности.

Белата куќа порано ги отфрли ваквите оцени, тврдејќи дека Трамп е исклучително енергичен и целосно способен за извршување на должноста.

Снимките од погребот дополнително предизвикаа критики откако се виде како Трамп на потпретседателот Џеј Ди Венс му подава кутија бонбони Tic Tac.

е-Трн да боцка во твојот инбокс