Капсаицинот го активира одговорот на телото на болка, го забрзува метаболизмот и може да предизвика чувство на еуфорија, но прекумерната консумација носи и здравствени ризици.
Лутата храна кај едни е незаменлив дел од секојдневното мени, а кај други предизвикува непријатност. Иако многумина ја сметаат за вкус, лутината всушност не е вкус, туку реакција на организмот на соединенија како капсаицинот од чилито, кои ги активираат рецепторите за болка.
Кога јадеме лута храна, телото реагира со ширење на крвните садови, побрза циркулација и засилено потење, со што се обидува да се олади. Истовремено, може да се поттикне варењето, а привремено да се олесни и затнатиот нос, поради подобрената циркулација во слузницата.
По првичното чувство на печење, мозокот ослободува ендорфини – природни хормони кои ја намалуваат болката и создаваат чувство на задоволство. Токму овој ефект, познат како „pepper high“, е една од причините зошто многумина редовно консумираат лута храна.
Иако капсаицинот и некои други состојки покажуваат антибактериски својства во лабораториски услови, тоа не значи дека лутата храна може да лекува инфекции. Таа може да помогне во ублажување на одредени симптоми, но не е замена за медицински третман.
Експертите предупредуваат дека умереноста е клучна. Прекумерната консумација на многу лута храна може да предизвика иритација на желудникот и слузницата, мачнина, повраќање и нагло покачување на крвниот притисок, а особено внимателни треба да бидат децата и лицата со чувствителен дигестивен систем.