Извештај на ЗНМ: Онлајн нападите, економската несигурност и неказнивоста остануваат закана за новинарите

Посебен дел од извештајот е посветен на Индексот на безбедноста на новинарите, кој ги оценува условите за работа преку четири клучни димензии

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го презентираше Годишниот извештај „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2025“, кој нуди сеопфатен преглед на медиумските слободи, професионалната независност и безбедноста на новинарите и медиумските работници во Северна Македонија.

Извештајот покажува дека во 2025 година се забележани одредени позитивни поместувања, меѓу кои воспоставувањето регистар на онлајн медиуми и изборот на нови членови на советите на медиумскиот регулатор и на МРТ. Сепак, суштинските реформи и целосното усогласување на националното законодавство со регулативата на Европската Унија, вклучително и со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), сè уште не се завршени.

Практичната примена на законските гаранции останува недоследна, додека независноста и ефикасноста на дел од институциите и понатаму се предмет на јавни дебати.

Посебен дел од извештајот е посветен на Индексот на безбедноста на новинарите, кој ги оценува условите за работа преку четири клучни димензии: правното и организациското опкружување, превенцијата, институционалните постапки и фактичката безбедност.

Наодите покажуваат подобрена институционална реакција во дел од случаите на физички напади, но сериозни предизвици и натаму претставуваат онлајн заканите, говорот на омраза, јавните дискредитации, економската несигурност и недоволно ефикасната борба против неказнивоста.

Особено загрижува порастот на онлајн вознемирувањето и сексистичките напади насочени кон новинарките, што укажува дека дигиталниот простор станува сè поризична средина за професионално новинарство.

Извештајот нотира и дека економската ранливост на медиумите останува еден од клучните проблеми. Нискиот социо-економски статус на новинарите, особено во приватните и локалните медиуми, недоволната сигурност на работните места и ризиците поврзани со повторното воведување државно рекламирање можат негативно да влијаат врз медиумскиот плурализам, уредувачката независност и транспарентноста при распределбата на јавните средства.

Годишниот извештај е изработен во рамките на регионалната мрежа SafeJournalists, која годинава одбележува десет години постоење. Мрежата претставува најголема регионална иницијатива за следење на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан, во која ЗНМ учествува заедно со партнерските новинарски здруженија од регионот.

Во изминатата деценија, SafeJournalists разви единствена и стандардизирана истражувачка методологија, која овозможува споредливи, релевантни и веродостојни податоци за земјите од регионот. Наодите и податоците од извештаите на ЗНМ се користат и како референтен извор во меѓународни извештаи за состојбата со медиумските слободи и човековите права, вклучително и во документи на Европската комисија и Стејт департментот на САД.

Извештајот претставува значајна алатка за креирање политики засновани на докази и за следење на реформите во медиумската сфера. Борбата против неказнивоста за нападите врз новинарите, усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди и подобрувањето на професионалните и економските услови за работа остануваат клучни предуслови за слободно, безбедно и независно новинарство во Северна Македонија.

Извештајот е објавен на македонскиалбански и англиски јазик и е достапен на веб-страницата на ЗНМ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс