Додека дел од европските земји дозволуваат алтруистичко сурогатство под строги услови, други воведуваат целосни забрани, а дебатата за етичките и правните последици продолжува.
Сурогатството останува една од најконтроверзните теми во Европа. Додека Германија повторно отвора јавна дебата за ова прашање, повеќе земји од Европската Унија веќе имаат различни законски решенија – од ограничено дозволување до целосна забрана.
Во Холандија е дозволено таканареченото алтруистичко сурогатство, но посредувањето со комерцијална цел е незаконско. Во Белгија нема единствен закон, но постапките се спроведуваат во одредени клиники по детални медицински и психолошки проценки.
Според социологот Аника Кениг од Слободниот универзитет во Берлин, не постои единствен европски модел. Таа посочува дека индустријата на сурогатство бележи значителен раст, особено бидејќи сѐ повеќе држави надвор од ЕУ дозволуваат вакви практики.
Во Италија сурогатството е строго забрането, а од 2024 година казни следуваат и за граѓани кои ќе користат сурогатство во странство. Шпанија, исто така, има рестриктивни правила, додека Данска и Ирска во последните години воведоа можност за алтруистичко сурогатство под строго утврдени услови.
И покрај називот „алтруистичко“, експертите предупредуваат дека прашањето за надоместокот останува спорно. Според Кениг, токму сурогат-мајката го презема најголемиот медицински ризик, додека останатите учесници во процесот – клиниките и агенциите – остваруваат финансиска корист.
Велика Британија често се посочува како пример поради долгогодишните истражувања за психолошките и општествените последици од сурогатството врз сурогат-мајките, родителите и децата родени на тој начин.
Извор: Deutsche Welle