Македонската модна дизајнерка Стефанија Насеска ја претставува нејзината прва ресорт, односно „cruise“ колекција под наслов „Почетокот“.
Целата мала колекција е инспирирана од Пелагонија, а Насеска ги открива причините за тоа.
„Пелагонија за мене лично е почеток, родена сум и израсната во Прилеп имам многу убави спомени од таму, а воедно Пелагонија е и најголемата житница кај нас, а јас го зедов житото како клучен елемент за инспирацијата. Целата оваа моја теорија за почетокот неодамна беше поткрепена со најновите археолоши наоди во тој регион каде што беа откриени и првите фурни за леб во Европа. За мене и житото претставува почеток на се и основа на цивилизацијата. Меѓутоа пораката која сакам да ја испратам е тоа дека ние треба да го чуваме и негуваме нашето приридно богатство, а плодната почва е дар од природата кој мора да се заштити со закон. Ние треба да сме бескрајно благодарни за природните убавини и удобства што ни ги подарила мајката Земја.“ вели дизајнерката.
За колекцијата таа вели дека употребила природни материјали, како памук, рафија, лен, тоа се материјали кои го обележуваат летниот период.

„Боите пак кои се употребени се бои инспирирани од процесот на производство на пченицата. Сакајќи да го вратам сеќавањето на нашите предци дел од инспирацијата ја црпев и од нашиот фолклор, народната носија, како и од целиот некогашен процес на жетвата која луѓето ја правеле рачно во жешките летни денови. Но сето ова минато го споив со еден модерен израз и модерно толкување, затоа што јас создавам мода, а не театарски костими“ објаснува Насоска.
Фотографиите за колекцијата се направени од Ристе Кјандовски, а пред неговиот објектив застанаа Јана Ацески, Маја Ацески и Пеце Белевски.
Моделите не го криеја задоволството да позираат во колекцијата на Насеска.
„Вистинско задоволство ми е да бидам дел од новата колекција на една од нашите најдобри креаторки Стефанија Насеска“ вели Јана Ацески.
„Новата колекција од Стефанија Ацеска не е парче облека. Таа е тивок, но моќен потсетник на тоа кои сме и од каде доаѓаме. Гордоста не се крие, таа се облекува и се носи исправено“ додава Маја Ацески.
ʼПочетокотʼ премиерно е прикажана на модниот настан Global Fashion Net, кој секое лето се одржува во Кошице, Словачка.