Седми Галичник Филм Фестивал- „Каде што традицијата станува филм”

Галичник Филм Фестивал ќе се одржи од 31 јули до 3 август, а целосната програма е достапна на официјалната веб-страница и социјалните мрежи на фестивалот

Од 31 јули до 3 август, Галичник по седми пат ќе гo отвори своето препознатливо кино под отворено небо за едно од најавтентичните филмски доживувања во регионот. Галичник Филм Фестивал годинава носи повеќе од 50 краткометражни филмови од 30 земји, избрани од стотици пријави од целиот свет, потврдувајќи ја својата позиција како меѓународен фестивал кој ги открива новите авторски гласови.

Годинешната програма е најразновидна досега. Покрај Официјалната натпреварувачка селекција, публиката ќе има можност да ја проследи Студентската програма, Светската панорама, Детската програма, како и специјална програма посветена на македонскиот краток филм, со што фестивалот создава простор и за домашните автори, но и за најинтересните светски краткометражни остварувања.

Филмовите годинава доаѓаат од различни културни и географски средини, но ги поврзуваат истите современи дилеми. Во програмата се обработуваат теми како војната и нејзините последици, менталното здравје, семејните односи, миграцијата, идентитетот, љубовта и потрагата по припадност. Без однапред зададена тематска рамка, селекцијата природно го отсликува светот во кој живееме денес, свет исполнет со неизвесност, но и со надеж.

За најдобрите филмови ќе одлучува жири комисија составена од реномирани филмски професионалци, режисерот Вардан Тозија, актерката Наташа Петровиќ и продуцентката Ивана Шекуткоска, имиња со значајно место во современата македонска, но и светска кинематографија.

Покрај филмските проекции, фестивалот годинава носи и еден сосема поинаков формат, „Прошетка со режисерката Дина Дума”. Наместо класичен мастерклас, посетителите ќе имаат можност низ прошетка околу Галичник да разговараат со една од најзначајните македонски режисерки за филмот, инспирацијата, креативниот процес и авторството. Амбиентот на Галичник станува дел од самото филмско искуство, а разговорот се претвора во непосредна размена на идеи.

За свечено затворање на фестивалот ќе биде прикажан „Диџеј Ахмет” на Георги М. Унковски, македонскиот филм што годинава испиша историја со двојната победа на Sundance и продолжи со успешни прикажувања на бројни престижни светски фестивали. Со оваа специјална проекција, фестивалот ја заокружува својата програма, поврзувајќи ги новите авторски гласови во краткиот филм со еден од најголемите современи успеси на македонската кинематографија.

Главен партнер на фестивалот е Агенција за филм на Република Северна Македонија, а реализацијата е овозможена и со поддршка на бројни институции, компании и пријатели на фестивалот кои континуирано ја препознаваат неговата културна вредност.

Галичник Филм Фестивал ќе се одржи од 31 јули до 3 август, а целосната програма е достапна на официјалната веб-страница и социјалните мрежи на фестивалот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс