Еха Арт: Со „ќути, трај“ стравот го нарековме мудрост, а неправдата нормален живот

Креаторката Еха Арт во видео порака предупредува дека фемицидот започнува со селективната одговорност и општественото нормализирање на молкот.

Во видео обраќање, инфлуенсерката и креаторка Еха Арт порачува дека фемицидот не започнува со убиство, туку со нормализирање на насилството и убедувањето дека некои луѓе се над последиците. Според неа, од човек што верува дека е надмоќен, пострашно е само општеството кое му дозволило да верува во тоа.

Наместо да се прашуваме кој е способен за брутално насилство, Арт го отвора понепријатното прашање – кое општество создава луѓе што веруваат дека туѓиот живот вреди помалку од нивниот?

Никој не се раѓа со такво уверување, нагласува таа, туку тоа се создава во систем каде моќта се наследува, последиците се селективни, а одговорноста се избегнува. Дополнително, прашува колку долго последиците што со години ги толерираме ќе продолжат да се нарекуваат само „трагедии“.

Како подлабока трагедија таа ја посочува колективната свест на молк градена преку фразите „ќути, трај-прај“ и „ќути, не се мешај“, поради кои стравот го нарекуваме мудрост, покорноста воспитување, а неправдата нормален живот.


Затоа повикува да прекинеме да ги учиме младите генерации да трпат и да молчат, туку да бидат погласни и похрабри зашто најопасната општествена деградација не е кога злото станува погласно, туку кога совеста станува потивка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс