Украинските „санкции“ проработеа: Русија увезува бензин

По онеспособувањето на 55 отсто од рафинериските капацитети, Москва воведува гориво со понизок квалитет и лимит од 30 литри дневно на пумпите.

Русија, вториот најголем светски извозник на енергенти, масовно увезува бензин и на домашниот пазар пушта гориво со понизок квалитет поради украинските напади врз рафинериите. Клучниот владин функционер за енергетика Александар Новак нареди зголемен увоз и вклучување на гориво надвор од стандардот К5. Киев тврди дека во кампањата на далекуметни напади онеспособил околу 55 отсто од руските рафинериски капацитети, што доведе до редови и ограничувања на бензинските станици во најмалку шест руски региони.

Размерите на кризата со снабдувањето станаа јасни по владиниот состанок одржан во вторникот, пренесува „Бизнис инсајдер“. Вицепремиерот и главен руски функционер за енергетика Александар Новак наложи приоритет да се даде на зголемувањето на увозот на бензин и на обезбедувањето дополнителни количини гориво надвор од класата.

Оваа одлука значи дека Москва го отвора домашниот пазар за деривати со понизок квалитет. Русија во изминатите десет години го применува стандардот за квалитет К5 на своите бензински пумпи. Горивото под ова ниво досега беше наменето исклучиво за извоз надвор од Евроазискиот трговски блок, како и за потребите на војската, државните резерви или за работи на нафтените полиња.

Локалните власти и медиуми во најмалку шест руски региони објавија дека од почетокот на ноември на дел од пумпите се воведени ограничувања. Возачите таму главно можат да купат најмногу 30 литри бензин дневно.

Слични рестрикции беа забележани уште во август во околината на Москва кај одредени синџири на бензински станици, за што тогаш извести агенцијата „Ројтерс“, кога пред пумпите близу главниот град се формираа долги редови. Иако Русија останува нето извозник на енергенти и во странство испорачува милиони тони сурова нафта и дизел, оштетувањата на рафинериите ја спречуваат да преработи доволно бензин за сопствените потреби.

Меѓународните организации за следење на транспортот на енергенти регистрираат остар пораст на рускиот увоз, пред сè од Мароко, Индија и Турција. Според податоците на непрофитниот Центар за истражување на енергијата и чистиот воздух (CREA) со седиште во Хелсинки, месечниот увоз на бензински производи и адитиви во Русија од 2023 до 2025 година изнесувал најмногу 5.000 тони. Во август годинава, преку морски пат биле увезени повеќе од 416.000 тони, а во септември дополнителни 234.000 тони нафтени деривати.

Лондонската аналитичка компанија „Вортекса“ (Vortexa) го процени рускиот увоз на гориво во август на околу 470.000 тони. Истовремено, украинската воена разузнавачка служба (ГУР) во вторникот соопшти дека нападите ја принудиле Русија од 18 јули до 23 октомври по морски пат да увезе околу 989.000 тони гориво и високооктански адитиви.

Покрај морските пратки, Русија увезува гориво и со железница од Белорусија и Казахстан. Агенцијата „Ројтерс“ во јули објави дека во првите шест месеци од 2026 година Русија по копнен пат увезла околу 453.000 тони, што претставува дваесеткратно зголемување во споредба со минатата година.

Русија последен пат увезувала гориво во вакви размери во 2014 година, кога поради недостиг на домашниот пазар набави 1,6 милиони тони моторен бензин. Тогаш Москва договори размена со Белорусија, испраќајќи сурова нафта во замена за преработен бензин, со што во 2015 година беа обезбедени уште 808.000 тони. Разликата е во тоа што тогашниот увоз се одвивал во текот на целата година, додека проценката на ГУР од речиси еден милион тони опфаќа период од само четири месеци.

Во октомври Александар Новак за државните медиуми изјави дека Русија увезува околу 10 отсто од својот бензин, без да наведе прецизни трговски бројки.


„Ќе увезуваме најмалку до крајот на годината“, изјави Новак, додавајќи дека Русија мора да ги наполни резервите што беа испразнети за време на летните недостигови на бензин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс