Од пленуми до парламентарни клупи: Како српските студенти ја пренесоа уличната демократија во Собранието

По конституирањето на новиот парламентарен состав во Србија, каде „Студентска листа“ го освои мнозинството, поглед одблизу како се градеше овој политички преседан без партиски лидери и какви луѓе беа избрани да ја претставуваат промената во институциите.

По повеќе од една година блокади, пленуми и улични протести, студентите во Србија и официјално ја отворија вратата на институциите. На вчерашната конститутивна седница на 15-тиот состав на Народното собрание беа верификувани мандатите на сите 250 пратеници по вонредните избори одржани на 25 октомври 2026 година, со што политичката сцена во земјата доби целосно нова слика.

Со 140 освоени мандати, листата „Студентска листа – Студентите победуваат“ го презеде парламентарното мнозинство, додека Српската напредна странка (СНС) и Александар Вучиќ, по 14 години на власт, преминаа во опозиција со 103 мандати. Останатите седум места им припаднаа на малцинските листи.

Но, она што оваа промена ја прави единствена во регионот не е само изборниот резултат, туку начинот на кој оваа политичка сила воопшто настана — без партиска инфраструктура, без централен штаб и без еден неприкосновен лидер.

Пратениците на Студентската листа

Процес граден на пленуми, а не зад затворени врати

Во земја каде што политиката со децении се сведуваше на партиски договори и цврста хиерархија, студентското движење одлучи да тргне по спротивен пат. Кандидатите на Студентската листа не ги избирале партиски лидери, ниту пак списокот бил составен во една просторија и соопштен на останатите.

Нив ги избирале самите студенти низ процес на директна демократија кој се градел повеќе од една година — преку блокади, пленуми, долги разговори и заедничка работа. Од движењето отворено признаваат дека тој пат не бил ниту брз ниту едноставен. Директната демократија по природа подразбира расправи, несогласувања, соочување аргументи и враќање на веќе донесени одлуки. Сепак, нивниот став бил јасен: ако целта е поинаков политички систем, првиот чекор кон него не смее да биде копирање на стариот модел против кој се борат.

Без култ на личноста и без лица за билборди

За разлика од вообичаените изборни кампањи кои се градат околу еден харизматичен водач, на оваа листа намерно не постои едно име што треба да ги засени сите други. Студентите порачуваат дека не барале нов лидер околу кого повторно би се градел култ на личноста, ниту пак луѓе кои „најубаво ќе изгледаат на билборд“ или со години знаат како се преговара за позиција на листа.

Наместо тоа, избрани се луѓе од секојдневниот живот — од училници, ординации, канцеларии, работилници и културни установи. Станува збор за поединци од различни генерации и професии, од големи градови и помали средини низ цела Србија, кои на сопствена кожа гледаат како функционира државата кога институциите си ја вршат работата, но и што се случува кога тие ќе престанат да функционираат.

Од нив не се очекува да бидат безгрешни или да имаат подготвен одговор на секое прашање, туку нешто што во политичката пракса станало реткост: да сносат одговорност за она што го работат, да ги слушаат граѓаните што ги претставуваат и јавно да ги образложуваат своите одлуки.

Пратеничкото место како јавна должност

Основниот критериум при изборот на кандидатите бил односот кон власта. Според принципите на движењето, пратеничкиот мандат не смее да се гледа како награда, привилегија или отскочна даска за политичка кариера, туку исклучиво како јавна работа. Мандатот им припаѓа на граѓаните, а оној што го добива мора во секој момент да знае кому му одговара за него. Токму затоа, сите кандидати потпишале и посебна изјава со која преземаат морална и политичка одлуност за исполнување на студентските барања, Општествениот договор и Програмскиот минимум.

epa13331780 Ilija Srdanovic (C), lead candidate of the ‘Student List’, celebrates after the parliamentary elections in Belgrade, Serbia, 25 October 2026. Approximately 6.5 million eligible voters were called to the polls to elect lawmakers for a four-year term. EPA/ANDREJ CUKIC

Жешка атмосфера уште на првиот ден

Дека пренесувањето на борбата од улица во институциите нема да оди мазно, покажа и самата вчерашна седница. Пред зградата на парламентот граѓаните со аплаузи ги пречекаа новите пратеници од Студентската листа, а со свирежи пратениците на СНС, при што се случи и инцидент кога пратеничката Лидија Вукиќевиќ беше полеана со јогурт — потег од кој студентите во блокада веднаш и јавно се оградија.

Внатре во салата, пак, првиот работен ден помина во знакот на процедуралните надмудрувања. За претседател на пратеничката група на Студентската листа беше назначен социологот Јово Бакиќ, а за кандидат за претседател на Собранието универзитетскиот професор Александар Чупиќ. Од другата страна, пратеничката група на СНС ја предводи Александар Вучиќ, чии повеќечасовни обраќања и честите приговори за повреда на Деловникот ја одложија одлуката за избор на претседател на парламентот. Седницата беше прекината околу 18 часот, а продолжението закажано за денес.


Со положувањето на заклетвите започна да тече и уставниот рок од 90 дена за формирање на новата влада — период во кој новото парламентарно мнозинство ќе треба на дело да покаже како пленумската директна демократија функционира во срцето на државните институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс