Русија во текот на ноќта изврши масовен воздушен напад врз Украина, користејќи десетици балистички и крстосувачки ракети, како и стотици беспилотни летала. Нападнати беа Киев, Лавов, Криви Рих и Полтавската област, а експлозии се слушнале и во западниот дел на земјата.
Според досегашните информации, најмалку осум лица загинале, меѓу нив и две деца, додека најмалку 30 лица се повредени. Украинските власти предупредуваат дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи спасувачките екипи сè уште ги пребаруваат урнатините.
Најтешко погоден е Криви Рих, каде што руска балистичка ракета „Искандер-М“ погодила куќа во која живеело многучлено семејство. Загинале две девојчиња на возраст од пет и 12 години и уште четворица возрасни. Осум лица се повредени, меѓу кои и две момчиња на возраст од шест и 15 години.
Во Полтавската област едно лице загинало по напад врз магацин, а погоден бил и логистичкиот терминал на компанијата Нова пошта, каде што нема пријавени жртви.
Во Киев, првите експлозии се слушнале нешто по еден часот по полноќ, а втор бран напади следувал околу 3:50 часот. Според украинската Државна служба за вонредни состојби, во главниот град загинало најмалку едно лице, а две се повредени. Остатоци од соборени ракети и дронови предизвикале пожари во гаражи и на пазар, додека во Бровари, источно од Киев, биле оштетени три куќи, а повредени се пет лица, меѓу кои и едно дете.
И Лавов, кој се наоѓа на околу 70 километри од границата со Полска, беше цел на нападите. Погодени се две повеќекатни станбени згради, а според градоначалникот Андриј Садовиј, најмалку 15 лица се повредени. Спасувачите продолжуваат со расчистување на урнатините поради сомневање дека под нив има затрупани луѓе. Поради нападите, Полска ги подигна своите борбени авиони и ги активираше системите за противвоздушна одбрана за да го заштити својот воздушен простор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку часа пред нападот предупреди дека Русија подготвува нов масовен ракетен удар и ги повика граѓаните да не ги игнорираат предупредувањата за воздушна опасност.
Во последните месеци Русија сè почесто комбинира масовни напади со дронови, балистички и крстосувачки ракети со цел да ја преоптовари украинската противвоздушна одбрана. Недостигот од ракети за системите „Патриот“ останува еден од најголемите предизвици за Украина. Пред само два дена, Зеленски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа за дополнителна воена помош и можностите за делумен прекин на воздушните напади.