Грција се соочува со драматична противпожарна криза, откако големи шумски пожари беснеат во повеќе делови од земјата, при што на островот Крит загинаа двајца пожарникари. Огнената стихија се шири со голема брзина поради силниот ветер, екстремно високите температури и сувата вегетација.
Најтешка е состојбата во регионот Ретимно на островот Крит, каде што пожарот избувнал во текот на денот и за кратко време се проширил кон селото Крија Вриси. Властите наредија евакуација на неколку населени места, вклучувајќи го и Крија Вриси, за да ги заштитат жителите од огнената стихија.
Во гаснењето учествуваат десетици противпожарни екипи, авиони и хеликоптери, но силниот ветер сериозно ги отежнува операциите. Грчките власти предупредуваат дека опасноста од нови пожари останува исклучително висока.
Истовремено, Грција се подготвува за нов силен топлотен бран. Според прогнозите, во наредните денови температурите во одделни делови од земјата ќе достигнат и до 42 степени Целзиусови, што дополнително го зголемува ризикот од ширење на пожарите.
Пожари продолжуваат да беснеат и во други делови од јужна Европа. Во Турција избувнаа повеќе шумски пожари во западниот дел од земјата, каде што беа евакуирани жители, уништени се куќи, а привремено беа затворени болница и неколку патишта. Засега нема информации за загинати или повредени.
Шумски пожари и натаму има и во Шпанија и Франција, кои веќе се соочуваат со една од најтешките противпожарни сезони во последните години. Европските служби предупредуваат дека екстремните горештини и сушата создаваат услови за нови големи пожари низ Медитеранот.