11 август 1984: „Бомбардирањето почнува за пет минути“- Шегата на Реган што го насмеа Вашингтон, но го вознемири СССР

На 11 август 1984 година Роналд Реган мислел дека микрофонот не снима. Пет минути пред радиообраќањето се пошегувал дека САД ќе почнат бомбардирање на Советскиот Сојуз. Снимката сепак излегла во јавност во време кога Вашингтон и Москва биле вооружени со илјадници нуклеарни боеви глави.

Пред точно 42 години, една реченица изговорена како шега од американскиот претседател стана меѓународен скандал. На 11 август 1984 година, Роналд Реган се подготвувал за своето редовно саботно радиообраќање од својот ранч во Калифорнија. Техничарите го проверувале микрофонот, а Реган, познат по својот специфичен хумор, решил да се пошегува.

„Драги Американци, со задоволство можам да ви кажам дека денес потпишав закон со кој Русија засекогаш се става надвор од законот. Бомбардирањето почнува за пет минути“, рекол тој.

Луѓето околу него се насмеале. Но микрофонот бил вклучен. И токму тоа било проблемот.

Шега во најопасниот момент од Студената војна

Регановата реченица не била дел од неговото официјално радиообраќање и не била наменета за емитување. Сепак, снимката била зачувана, а неколку дена подоцна ја објавиле американски медиуми.

Белата куќа потврдила дека Реган навистина ја изговорил реченицата, а инцидентот предизвикал политички реакции во САД. Демократскиот кандидат за претседател, Валтер Мондејл, изјавил дека, без оглед на намерата, не му е смешно кога такви зборови ги изговара претседателот на САД.

За Советскиот Сојуз, пак, шегата била сè освен смешна.

На 15 август советската државна новинска агенција ТАСС објавила официјална осуда, оценувајќи ја изјавата како опасна и како показател за непријателскиот однос на американската администрација кон СССР. Американски дипломат бил повикан во советското Министерство за надворешни работи и му била предадена официјалната реакција.

Зошто една шега можела да звучи толку сериозно?

За да се разбере реакцијата, треба да се погледне времето во кое се случила. Во 1984 година Студената војна повторно била исклучително напната. САД и СССР располагале со огромни нуклеарни арсенали, а двете страни развивале системи за рано предупредување и брза реакција во случај на напад.

Реган од доаѓањето во Белата куќа во 1981 година зазел тврд став кон Москва. Во 1983 година Советскиот Сојуз го нарекол „империја на злото“, а неговата администрација значително ги зголемила воените расходи и ја промовирала Стратешката одбранбена иницијатива, позната како „Војна на ѕвездите“.

Само една година пред Регановата шега, советската противвоздушна одбрана го соборила патничкиот авион на Korean Air Lines, при што загинале сите 269 луѓе во авионот. Во таква атмосфера, реченица за започнување бомбардирање на СССР можела да звучи многу поопасно од обична шега.

Дали СССР навистина ставил војска во состојба на готовност?

Ова е најинтересниот, но и најспорниот дел од приказната. Неколку недели по инцидентот, јапонскиот весник Yomiuri Shimbun објавил дека на 15 август советските сили на Далечниот Исток биле ставени во состојба на готовност околу 30 минути. Според извештајот, сигналот бил испратен од Владивосток, а американските и јапонските сили го следеле настанот.

Подоцна, The Washington Post објавил дека американски конгресмен добил информација од американските разузнавачки служби за краткотрајна советска воена тревога. Според тие информации, сигналот го испратил неовластен советски офицер и бил повлечен по околу половина час.

Но тука приказната треба да се чита внимателно. Никогаш не било недвосмислено докажано дека тревогата била директно предизвикана од Регановата шега. Напротив, дури и тогашните извештаи укажувале дека временската дистанца од четири дена ја прави директната врска неизвесна.

Затоа тврдењето дека Реган „за малку ја предизвикал Третата светска војна“ е повеќе драматична интерпретација отколку потврден историски факт.

Шегата не му ја уништи кампањата

Инцидентот се случил среде претседателската кампања во 1984 година. Реган се борел за втор мандат против демократот Валтер Мондејл, па неговите политички противници го искористиле случајот за да го нападнат неговиот однос кон Советскиот Сојуз. Реган, сепак, не претрпел сериозна политичка штета.

На изборите во ноември убедливо го победил Мондејл, освојувајќи 49 од 50 сојузни држави.

Од „бомбардирање за пет минути“ до договор со Москва

Можеби најироничниот дел од приказната доаѓа неколку години подоцна. Реган, претседателот чија шега за бомбардирање на СССР стана симбол на опасната реторика на Студената војна, подоцна разви значително подобар однос со советскиот лидер Михаил Горбачов.

Нивните средби и преговори кулминираа со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) во 1987 година, со кој САД и Советскиот Сојуз се договорија да елиминираат цела категорија нуклеарни и конвенционални ракети. Така, една од најпознатите Реганови реченици започнала како шега пред микрофон, но завршила како историски куриозитет од најопасниот период на Студената војна.

Во свет во кој претседателите располагале со арсенали способни да уништат планета, дури и шегата кажана пред „исклучен“ микрофон можела да звучи како закана за војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс