Германија се соочува со сериозен недостиг од даночни советници, професија за која барањата на пазарот растат од ден на ден поради се посложениот даночен систем. Според проценките на струковите здруженија, во земјата моментално недостигаат дури 25.000 вакви експерти. Големата побарувачка донесе и значителен раст на платите, кои за искусните кадри достигнуваат и до 7.700 евра бруто месечно, а во водечките консултантски компании и над 8.500 евра.
Германскиот економски институт (IW) проценува дека минатата година во земјата недостигале околу 14.000 даночни советници, додека струковите здруженија сметаат дека реалната бројка е уште поголема. Главната причина зад овој тренд е сè покомплексниот даночен систем, кој ги принудува и граѓаните и компаниите да ангажираат стручњаци за да ги искористат даночните олеснувања и да избегнат скапи грешки при поднесувањето на пријавите. Податоците на здружението „Битком“ покажуваат дека во 2024 година околу 17 отсто од вкупно 15 милиони даночни обврзници користеле услуги на даночен советник.
Високата побарувачка директно влијаеше врз растот на платите во овој сектор. Според податоците од платформата „Кунуну“, даночните советници со неколкугодишно искуство во просек заработуваат околу 73.500 евра бруто годишно, односно меѓу 6.000 и 7.700 евра бруто месечно. Почетниците веднаш по полагањето на стручниот испит почнуваат со годишна заработка меѓу 48.000 и 59.000 евра. За искусните експерти во големите ревизорски куќи и консултантски фирми, месечните бруто примања надминуваат 8.500 евра, при што највисоки плати се бележат во покраините Хесен, Баден-Виртемберг и Хамбург.
За разлика од многу други високоплатени професии, за работата како даночен советник во Германија не е задолжително да имате завршено одреден факултет. Право да полагаат стручен испит имаат и даночните асистенти кои имаат стекнато доволно работно искуство во пракса. Оваа можност ја прави професијата привлечна и за луѓе кои сакаат да променат кариера или да напредуваат без повторно да запишуваат студии. Сепак, даночните асистенти пред да станат лиценцирани советници имаат пониски примања, во просек околу 41.000 евра бруто годишно.
Оваа професија нуди голема независност во работата. Според податоците на Германската комора на даночни советници, околу 66 отсто од нив работат како самостојни претприемачи и раководат со сопствени канцеларии. Нивната заработка зависи од бројот на клиенти, видот на услугите и регионот во кој работат. На пример, во побогатите градови како Дизелдорф има повеќе од 40 даночни советници на 10.000 жители, додека во помалите средини нивниот број е значително помал.