Кина го стега обрачот околу Паг-аса: Островот е следната цел на експанзијата во Западното Филипинско Море

Пекинг со воени бази, крајбрежна стража и прикриена поморска милиција постепено ја претвора спорната морска област во простор под своја контрола, иако неговите барања беа отфрлени од меѓународниот арбитражен суд.

Кинески воени бродови, пловила на крајбрежната стража и таканаречената поморска милиција го опкружуваат филипинскиот остров Паг-аса. Над него летаат кинески извидувачки хеликоптери, а рибарите велат дека се бркани од водите во кои со генерации ловеле риба. Тоа што се случува околу Паг-аса не е изолиран граничен инцидент, туку дел од пошироката кинеска експанзија во Јужното Кинеско Море, чиј западен дел Филипините го нарекуваат Западно Филипинско Море.

Кина полага право врз речиси целата област преку таканаречената „линија со девет цртички“. Меѓународниот арбитражен суд во Хаг во 2016 година пресуди дека ова барање нема основа во меѓународното право. Пекинг ја игнорираше пресудата и продолжи да ја менува состојбата на терен.

Освојување без формално објавена војна

Кинеската стратегија е постепена, но тешко може да се нарече прикриена. Пекинг преобразува гребени во вештачки острови, а врз нив гради писти, пристаништа и воени бази. Истовремено, неговите бродови ги блокираат филипинските пловила, ги бркаат рибарите и употребуваат водени топови.

Во јули дошло и до физичка пресметка меѓу припадници на Филипинската морнарица и Кинеската крајбрежна стража. Во сличен инцидент во 2024 година, филипински морнар изгубил палец. Овие дејства често се опишуваат како операции во „сивата зона“: доволно агресивни за да ја потиснат другата страна, но внимателно дозирани за да не предизвикаат отворена војна.

За Филипините, сепак, нема ништо нејасно во оваа стратегија.

„Тоа се незаконски, принудни, агресивни и измамнички дејства“, вели портпаролот на Филипинската крајбрежна стража, контраадмиралот Џеј Тариела.

Пекинг отворено најавува преземање

Поранешниот кинески дипломат Виктор Гао не го прикрива крајниот исход што го посакува Пекинг. Тој за ABC изјави дека островите како Паг-аса ќе бидат преземени од Кина. На жителите што стравуваат за својата безбедност им порача да се „вратат таму каде што припаѓаат“.

Тоа е отворена закана кон помалку од 100 семејства што живеат на островот контролиран од Филипините од 1970-тите. Една од жителките, Аделса, вели дека бројот на кинески бродови драматично се зголемил.

„Кинезите се толку блиску до нас. Ако нè бомбардираат, речиси сите ќе бидеме збришани“, вели таа.

Рибарот Џозеф раскажува дека кинеските бродови ги активираат сирените кога локалните рибари ќе им се приближат. Ноќе, нивните силни рефлектори се насочени кон островот и морето.

Контрола врз глобална трговска артерија

Зад експанзијата не стои само територијална амбиција. Низ Јужното Кинеско Море минува околу една петтина од светската трговија, а под неговото дно се наоѓаат потенцијално големи резерви на нафта и природен гас.

Ако воспостави контрола врз областа, Кина би добила огромно стратешко влијание врз трговијата меѓу Индискиот и Тихиот Океан. Поранешниот филипински контраадмирал Ромел Онг ја споредува таквата моќ со влијанието што го овозможува контролата врз Ормутскиот Теснец, иако Јужното Кинеско Море е далеку поголем и посложен простор.

Паг-аса затоа не е само мал остров во далечно море. Тој е тест за тоа колку територија Кина може да стави под фактичка контрола без да испука прв куршум во формално објавена војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс