Зошто при настинка ви е затната само едната ноздра?

Оваа позната непријатност при настинка често е поврзана со носниот циклус — природно менување на протокот на воздух низ двете страни на носот.

Едната ноздра е затната, низ другата дишете полесно, а по неколку часа ситуацијата се менува. Оваа позната непријатност при настинка често е поврзана со носниот циклус — природно менување на протокот на воздух низ двете страни на носот.

Во текот на овој циклус, ткивото во едниот носен ходник благо отекува, додека во другиот отокот се намалува. Потоа страните ги менуваат улогите. Кога сме здрави, тоа најчесто поминува незабележано, објаснуваат од Клиниката Кливленд.

На оваа појава внимание привлече и британскиот лекар Амир Кан во телевизиско гостување, откако водителката го прашала зошто при настинка едната ноздра ѝ е позатната од другата, пренесува „Телеграф“.
Сепак, објаснувањето дека „дишеме само низ една ноздра“ е поедноставено. Вообичаено воздухот поминува низ двете, но во различна мера. При настинка, дополнителниот оток и слузта ја прават разликата позабележлива, па едната страна може да ја чувствуваме како целосно затната.

Влијание може да има и положбата при спиење. Кога лежиме на страна, ноздрата поблиску до перницата може повеќе да се затне. За олеснување можат да помогнат физиолошки спреј и спиење со малку подигната глава.

Но ако постојано е затната истата страна, тегобата не поминува или е придружена со крвавење и болка во лицето, потребен е лекарски преглед. Причината може да биде искривена носна преграда, полипи или друго воспаление, а не само вообичаениот носен циклус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс