Зошто машината за садови мириса лошо и по чистењето? 8 скриени причини и брзи решенија

Доколку редовно ја одржувате вашата машина за садови, а од неа сè уште се шири непријатна миризба, веројатно прескокнувате некои скриени места. Откријте каде се таложат бактериите, како да ја проверите пумпата и на кој начин оцетот може да ви помогне.

Логично е да се помисли дека апаратот чија единствена намена е да чисти, би требало и самиот да биде беспрекорно чист. Сепак, реалноста во кујната е поинаква, па машините за миење садови бараат редовно рачно одржување исто како и сите други домашни уреди. Но, што доколку редовно ја чистите машината, а таа сè уште мириса лошо и ве тера да го задржите здивот секој пат кога ќе ја отворите вратата? Експертите за апарати за домаќинство објаснуваат дека непријатните мириси најчесто се предизвикани од ситни остатоци кои не успеале да се измијат по завршувањето на циклусот и останале заробени во некој скриен агол.

Најчестата причина поради која машината мириса лошо и по чистењето е филтерот на дното, за чие постоење многумина сопственици дури и не знаат. Овој дел ги собира сите ситни парчиња храна кои, доколку не се отстранат, остануваат во топла и влажна средина каде брзо почнуваат да скапуваат и да шират кисел мирис. За да го решите ова, доволно е да ја извадите долната решетка, да го одвртите филтерот кој се наоѓа под ротирачката прскалка и убаво да го исплакнете со топла вода. Доколку е премногу нечист, можете да го потопите во вода со малку сјај за садови и нежно да го истриете со мека четка пред да го вратите на своето место.

Веднаш по филтерот, чест виновник е и проблемот со одводот и враќањето на нечистата вода. Дури и минимално количество на заостаната течност на дното може да развие бактерии и да стане извор на смрдеа. Нечистата вода често се враќа назад во машината поради затнато одводно црево или негова неправилна монтажа. Експертите препорачуваат секогаш да проверувате дали цревото за одвод формира висок лак пред да се поврзе со домашниот сифон, бидејќи ако тој лак не постои, водата природно ќе се враќа во апаратот. Доколку лакот е во ред, а водата сепак стагнира, цревото веројатно е затнато, па потребно е да го откачите и да го исчистите со соодветна сајла за одводи.

Со текот на времето, маснотиите од храната, остатоците од детергент и бигорот од тврдата вода формираат тенок, леплив слој врз внатрешните ѕидови, гумите и корпите, кој продолжува да ги задржува лошите мириси дури и по миењето. Овој проблем едноставно се решава со пребришување на внатрешноста со влажна крпа и малку нежен сапун, по што е корисно да ставите една чаша со алкохолен оцет на горната решетка и да ја пуштите празната машина на најжешкиот циклус за да ги раствори сите наталожени маснотии. Воедно, треба да се проверат и ротирачките прскалки кои го разнесуваат млазот вода. Нивните ситни дупчиња често се затнуваат со бигор или ситни зрна храна, па кога водата не циркулира правилно, ниту садовите ниту самата машина не се измиваат доволно. Овие отвори лесно се чистат со обична чепкалка за заби или мека четка под млаз топла вода.

Доколку забележите дека мирисот не исчезнува, постои верзија проблемот да е од техничка природа, како што е неисправниот грејач кој ја намалува температурата на водата. Машината за садови мора да користи екстремно жешка вода за да ги стопи мастите и да ја дезинфицира внатрешноста, па кога грејачот е дефектен, уредот мие со млака или ладна вода која е неефикасна во борбата против бактериите. Замена на грејачот е сериозна зафатнина и за неа секогаш треба да се повика професионален сервис, бидејќи неправилната монтажа може да донесе многу поголеми дефекти. Слично е и со дефектот на одводната пумпа, што се препознава по специфичниот мирис на расипани јајца, особено кај машини кои се поблиску до својата десетта година од работа. Ако пумпата слабее, таа остава застоена течност под филтерот, а тоа можете да го тестирате така што ќе ја пуштите машината да работи неколку минути, па ќе го притиснете копчето за откажување за да го принудите одводот да се активира. Ако не слушнете јасно како водата истекува во сифонот, пумпата или одводот се соочуваат со сериозна блокада.

Често заборавено место при генералното чистење е гумениот дихтунг околу вратата кој ја прави машината водоотпорна. Неговите набори се совршено прибежиште за влага, маснотии и ситни парчиња храна кои остануваат скриени од директниот млаз вода за време на миењето. Најдобар начин да го исчистите е со стара четка за заби натопена во топла вода со сапуница, со која детално ќе ги поминете сите преклопи на гумата и околу диспензерот за детергент, а потоа убаво ќе го исушите местото со крпа. Ваквата постојана влага, особено во големите семејства каде машината веднаш по празнењето повторно се полни и затвора, е главен виновник и за развојот на мувла. Доколку забележите црни, зелени или сиви дамки во внатрешноста, направете мешавина од оцет и вода во сооднос 1:1, испрскајте ги нечистотиите, оставете ги да делуваат две минути и пребришете со микрофибер крпа, а потоа пуштете празен циклус со купечка таблета за чистење машини.

За да спречите појава на непријатни мириси во иднина и да го одржувате апаратот секогаш свеж, воведете неколку едноставни навики во секојдневието: создадете рутина за проверка на филтерот еднаш неделно, секогаш користете ја точната количина детергент бидејќи премногу капсули или гел оставаат леплив слој на ѕидовите, редовно пребришувајте ги скриените агли и најважно од сè – оставајте ја вратата малку подотворена по секое миење за да овозможите проток на свеж воздух и целосно сушење на внатрешноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс