Цената на златото е е повторно во пад, бидејќи сè уште нема јасен напредок во мировните преговори меѓу САД и Иран за запирање на конфликтот на Блискиот Исток. Во петокот златото се тргуваше под 4.450 долари за унца, со што неделниот пад достигна околу два процента. Иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите се во завршна фаза, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи оцени дека досега не е постигнат „никаков опиплив напредок“.
Дополнителна неизвесност создаде и одбивањето на либанското движење Хезболах да го прифати примирјето посредувано од САД, како и продолжувањето на нападите и тензиите во регионот. Четиримесечниот конфликт сериозно ги наруши енергетските текови низ Ормускиот Теснец, што доведе до повисоки цени на нафтата и стравувања од нов инфлаторен притисок во светската економија. Во такви услови расте веројатноста централните банки да ги задржат каматните стапки на повисоко ниво или дополнително да ги зголемат. Бидејќи златото не носи каматен принос, повисоките каматни стапки обично негативно влијаат врз неговата атрактивност за инвеститорите.
Според аналитичарите, ризикот од продолжување на енергетската криза значи поскапо финансирање и дополнителен притисок врз благородните метали. Техничките показатели исто така сигнализираат негативен тренд на пазарот. Покрај златото, во петокот паднаа и цените на другите благородни метали. Среброто ослабе за 1,6 проценти, а пад забележаа и платината и паладиумот.
Во меѓувреме, претставници на американските Федерални резерви предупредуваат дека поради високата неизвесност во економијата е прерано да се прогнозира идниот правец на монетарната политика, што дополнително ги држи инвеститорите во неизвесност.