Народната банка на Србија во текот на минатата година од кинеската компанија Serbia Zijin Copper откупила рекордни 4,3 тони злато. Станува збор за 344 златни прачки, од кои секоја тежи нешто повеќе од 12 килограми, со што целокупното минатогодишно производство на злато од рудникот во Бор било продадено на еден купувач, пишува Forbes Slovenija.
Кинеско преземање
Рудникот за злато и бакар во Бор е во мнозинска кинеска сопственост од крајот на 2018 година, кога кинеската компанија Zijin Mining преку докапитализација стекна 63 проценти удел во поранешното државно претпријатие РТБ Бор.
Според српските закони, компанијата е должна целото ископано злато прво да ѝ го понуди на откуп на Народната банка на Србија. Како што се наведува, НБС досега никогаш не ја одбила таа можност. Доколку централната банка одбие купување, Zijin би можел да побара дозвола за извоз.
Од преземањето на рудникот во 2018 година, НБС од кинеската компанија откупила вкупно 16,3 тони злато.
Вредноста на продаденото злато
Само од продажба на злато, Serbia Zijin Copper во 2025 година остварила приход од околу 48,4 милијарди динари, што е приближно 400 милиони евра. Вкупните приходи на компанијата, во кои се вклучени и продажбата на бакар и сребро, изнесувале околу 227,6 милијарди динари, при што најголемиот дел, 173,4 милијарди динари, отпаѓа на бакарот.
Врз основа на остварениот приход, може да се процени дека српската централна банка за една унца злато, односно 31,1 грам, во просек плаќала околу 3.000 евра. Цената на унца злато на светските берзи во текот на 2025 година се движела од 2.500 до 3.700 евра.
Златните резерви тројно зголемени
Народната банка на Србија купува злато во домашна валута, односно во динари, со што директно ги зголемува своите девизни резерви. Освен купувањето на домашниот пазар, НБС дел од златните резерви, вкупно околу 17 тони, ги набавила и на меѓународниот пазар.
Благодарение на овие купувања, златните резерви на Србија во март годинава достигнале 53,7 тони, што е повеќе од тројно зголемување во споредба со 2012 година, кога изнесувале нешто помалку од 15 тони.
Вредноста на тие резерви, според актуелните пазарни цени, се проценува на околу 6,9 милијарди евра.
Во споредба со 2012 година, вредноста пораснала дури 11 пати, за што, покрај зголемената количина, значително придонел и растот на цената на златото на светскиот пазар. Од НБС порачале дека и во иднина планираат да продолжат со откуп на злато на домашниот пазар.